Двајца пионери во вештачката интелигенција, Џон Хопфилд и Џефри Хинтон, ја добија Нобеловата награда за физика за „фундаменталните откритија и пронајдоци кои овозможуваат машинско учење со помош на вештачки невронски мрежи“, објави во вторникот Нобеловиот комитет.
Додека Хопфилд (91) создаде структура која може да складира и реконструира информации, Хинтон (76) измислил метод „кој може самостојно да открие својства во податоците што станале и кој станал важен за големите вештачки невронски мрежи што се користат сега“, наведува Комитетот во објаснувањето за одлуката за добитните.
„Иако компјутерите не можат да размислуваат, машините сега можат да имитираат функции како меморија и учење. Годинешните лауреати по физика помогнаа да се овозможи тоа“, се додава во соопштението.
Видете и ова: Вештачка интелигенција – злоупотреби и ризициХинтон, кој е познат како кум на вештачката интелигенција, е канадско-британски државјанин кој работи на Универзитетот во Торонто, а Хопфилд е Американец кој работи во Принстон.
„Овогодишните двајца добитници на Нобеловата награда за физика користеа алатки од физиката за да развијат методи кои се основата на денешното моќно машинско учење“, се вели во соопштението на Нобеловиот комитет.
Елен Мунс, членка на Нобеловиот комитет во Кралската шведска академија на науките, рече дека двајцата лауреати „користеле фундаментални концепти од статистичката физика за да дизајнираат вештачки невронски мрежи кои функционираат како асоцијативни мемории и пронаоѓаат обрасци во големи збирки податоци“.
Таа рече дека таквите мрежи се користени за унапредување на истражувањата во физиката и „исто така станаа дел од нашиот секојдневен живот, на пример во препознавањето на ликови и преводот на јазиците“.
Додека комитетот оддаде почит на науката што стои зад машинското учење и вештачката интелигенција, Мунс ја спомена и нејзината друга страна, велејќи дека „иако тоа носи огромни придобивки, брзиот развој на вештачката интелигенција, исто така, предизвикува загриженост за нашата иднина“.
„Луѓето ја носат одговорноста да ја користат оваа нова технологија на безбеден и етички начин за доброто на човештвото“, рече таа.
Истите грижи ги има и добитникот Хинтон. Тој ја напуштил работата во Гугл за да може послободно да зборува за опасностите од технологијата што тој помогнал да се создаде.
Тој рече дека е шокиран од укажаната чест од Нобеловиот комитет.
„Запрепастен сум. Немав поим дека ова ќе се случи“, рече тој кога Нобеловиот комитет го контактираше телефонски.
Видете и ова: Мета тренира вештачка интелигенција со податоците на граѓаните од БалканотХинтон предвиде дека вештачката интелигенција на крајот ќе има „огромно влијание“ врз цивилизацијата, што ќе донесе подобрувања во продуктивноста и здравствената заштита.
„Тоа би можело да се спореди со индустриската револуција“, рече тој во отворен разговор со новинари и претставници на Кралската шведска академија на науките, пренесува Асошиејтед прес.
„Наместо да ги надмине луѓето по физичка сила, ќе ги надмине луѓето по интелектуални способности. Немаме искуство како е да се има работи кои се попаметни од нас. И тоа ќе биде прекрасно на многу начини. Но, мораме да се грижиме и за низа можни лоши последици, особено за заканата овие работи да излезат од контрола“, рече Хинтон.
Имињата на добитниците на Нобеловата награда за хемија, пак, ќе бидат објавени утре, 9 октомври, за литература во четврток на 10 октомври, за мир во петок на 11 октомври и за економија во понеделник на 14 октомври.
Лауреатите се поканети да ги примат своите награди на церемонија на 10 декември, на годишнината од смртта на Алфред Нобел, по кого наградата и го носи името.