Општините недоволно транспарентни при продажбата на државното градежно земјиште

илустрација

Општините не ги информираат граѓаните за реализираните продажби на државно градежно земјиште, а нетранспарентноста оди дотаму што дел од општините не ги доставиле склучените договори ниту преку барање за пристап до информации од јавен карактер. Ова го покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации.

„Општините ги објавуваат одлуките за отуѓување на државно градежно земјиште само во Службен весник на РСМ. Но, ниту една од мониторираните општини не презема други активности за информирање на граѓаните, односно донесените одлуки за продажба на земјиште и склучените договори со купувачите не ги објавуваат ниту на своите веб-страници. Нетранспарентноста оди дотаму што дел од општините не ги доставија склучените договори ниту преку барање за пристап до информации од јавен карактер. На овој начин се оневозможува информираност на граѓаните и се зголемува ризикот од злоупотреби“, се наведува во Извештајот насловен како „Недоволна транспарентност и ниски цени при продажбата на државно градежно земјиште“.

Видете и ова: Сите општини конкурираат за парите од унгарскиот кредит

Според истражувањето, цената за еден метар квадратен државно земјиште во изминатите пет години се движела од 71 до 18 400 денари (од 1,2 до 299 евра), а просечно, во постапките за продажба на државно градежно земјиште учествувале по четири потенцијални купувачи.

„Имајќи го ова предвид, на општините им се препорачува да ги објавуваат одлуките за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на државата на своите веб-страници, исто така и склучените договори со купувачите на државното земјиште. На овој начин ќе се овозможи поголем увид на граѓаните и навреме ќе може да се укаже на евентуални незаконитости во процесот“, велат од Центарот.

Оттаму нагласуваат и дека зголемувањето на транспарентноста на целиот процес на продажба на државното градежно земјиште треба да придонесе за зголемување на довербата на граѓаните во процесот и, воопшто, во секторот градежништво, каде што изминатите декади се наталожија сериозни проблеми и овој сектор стана еден од најподложните на корупција.

„Шест од осумте мониторирани општини (Битола, Неготино, Кичево, Куманово, Струмица и Штип), во последните пет години, продале 507.826 м2 градежно земјиште кое било сопственост на државата. Ниту една парцела во периодот од 2019 до 2023 година не огласиле, ниту продале општините Тетово и Чаир. Од продажба на градежно земјиште, шесте општини во последните пет години оствариле приход од 20 милиони евра. Повеќе од половина, или земјиште вредно 11 милиони евра, продала Општина Куманово. Општините Струмица, Штип и Куманово од договорни казни наплатиле 16, 3 милиони денари или 265 илјади евра. Кичево и Неготино немаат наплатено казни, а Општина Битола вели дека казни се наплатуваат тековно, но не дава информација колку пари инкасирала од наплатени договорни казни од продажба на државно градежно земјиште“, покажува Извештајот.

Истражувањето е изготвено во рамки на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година.