Процесот на евроинтеграции на државата е блокиран од страна на Владата, и за тоа се должни пред граѓаните да го кажат планот со кој би ги подобриле позициите во преговарачкиот процес како што ветуваа во изборниот период. Ова го побара претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска во изјава за медиумите од премиерот Христијан Мицкоски и Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Смета дека ова прашање треба да се најде на собраниска седница пред пратениците и граѓаните да го кажат планот за европската интеграција на Македонија.
„Тие кажуваа дека имаат некаков план, некаква поддршка од некои земји, за тоа дека ќе ги подобрат нашите услови во процесот на преговори меѓутоа ние досега од тоа не видовме ништо. Ниту видовме некој обид да се подобри нашата преговарачка позиција, ниту имаме временска рамка кога тоа ќе се случи и затоа е неопходно што побрзо да се случи таа собраниска седница за владата и премиерот да го кажат планот за нашиот евроинтегративен процес, изјави Филипче.
Филипче порача дека потребен е конкретен план во Собранието.
Видете и ова: Албанија напред, Северна Македонија стои на патот кон ЕУПремиерот и ВМРО-ДПМНЕ дојдоа на власт со огромни ветувања дека ќе ја подобрат нашата позиција во тој преговарачки процес, дека ќе обезбедат подобри услови. Имајќи предвид дека тоа не се случува, а тие го блокираа европскиот интегративен процес, а тоа не го кажаа за време на кампањата. Доколку тоа не се случи, ќе стане очигледно дека станува збор за една голема лага“, рече Филипче.
Европската Унија одлучи Албанија да се оддели од Северна Македонија во процесот на преговори со Унијата.
Албанија на 15 октомври ќе го отвори првиот кластер од преговорите со Европската Унија, со што се одвојува од Северна Македонија која не го исполни условот да го смени Уставот и да ја внесе бугарската заедница во Преамбулата.
Ваква одлука донеле амбасадорите на државите членки на ЕУ на 25 септември.
Причината е што Северна Македонија досега не го исполни условот што го наметна Бугарија - да го смени Уставот и во него да го вметне и бугарското малцинство. Овој услов влезе во преговарачката рамка која македонското Собрание ја изгласа во јули 2022 година, под називот познат во јавноста како „француски предлог“. Тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше против уставни измени.