Владата на Косово ја замени одлуката за забрана за увоз на стоки од Србија со зголемена контрола, изјави на 7 октомври косовскиот премиер Албин Курти.
„До пристигнувањето на скенерите, ќе дозволиме да влезе стока само на (премин) Мердаре бидејќи безбедносната ситуација не е променета“, рече Курти.
Курти рече дека очекува САД и ЕУ да му помогнат на Косово да обезбеди скенери кои ќе бидат инсталирани на сите гранични премини за да се осигура дека стоката што влегува од Србија не претставува безбедносен ризик за Косово.
Тој го повтори ставот дека тие мерки никогаш не биле економски туку безбедносни.
Одлуката на Владата на Косово да ја укине забраната за увоз на стоки од Србија доаѓа по притисокот од Германија, која инсистираше дека тоа му штети на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) и на Берлинскиот процес, иницијатива која има за цел да им помогне на економски развој на шесте земји од Западен Балкан и нивно приближување кон Европската Унија.
Видете и ова: Возбуда и неизвесност по најавата за формирање бекташка држава во ТиранаДесеттиот самит на Берлинскиот процес ќе се одржи на 14 октомври, а од Владата на Косово минатата недела за РСЕ изјавија дека работат на тоа да биде успешна десетгодишнината од оваа регионална иницијатива.
Владата на Косово донесе одлука за забрана на увоз на стоки од Србија во средината на јули 2023 година од „безбедносни“ причини, откако тројца косовски полицајци беа уапсени од српската полиција. Иако во меѓувреме беа ослободени косовските полицајци, одлуката за забрана за увоз на српска стока остана на сила.
Во меѓувреме, кон крајот на декември минатата година, бизнисмени од северот на Косово поднесоа петиција до косовските власти со барање да се повлечат владините мерки за забрана за увоз на стоки од Србија.
Српската стопанска комора во неколку наврати ја повика Владата на Косово да ги отстрани „штетните блокади“ кои предизвикуваат последици и за српските и за косовските компании.
Исто така, Европската унија го соопшти ставот дека мерките на косовските власти се во спротивност со договорот ЦЕФТА и во спротивност со духот на Договорот за стабилизација и асоцијација на Косово со ЕУ.
Меѓутоа, Косово досега остана на ставот дека станува збор за безбедносни, а не за економски мерки.