Четиринаесетмесечното бебе кое вчера (5 октомври) почина на Детската клиника во Скопје претходно било одбиено за сместување на клиниката, како што тврдело и семејството. Ова го потврди министерот за здравство, Арбен Таравари и порача дека мора има одговорност.
„Вратено било, за жал. Дали поради лекарска грешка или незнаење треба да се констатира. Дефинитивно треба да има одговорност. Меѓутоа не очекувајте од мене уште од денеска да судам како било. Дозволете соодветните органи во државата да испитаат сѐ во детали. На крајот некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи во здравствениот систем“, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), како што велат од Министерството, согласно надлежностите ќе изврши вонреден инспекциски надзор во двете здравствени установи каде починатото бебе било лекувано.
Видете и ова: МЗ: Ќе се утврдат причините за смртта на 14-месечното бебеЗа да се утврдат причините за смртта, Министерството за здравство ќе иницира комисија за стручен надзор на оваа клиника, но и на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле. Најави дека комисијата која ќе ги истражува и причините за тоа зошто бебето не било хоспитализирано претходно, ќе биде формирана утре (7 октомври).
„Од Клиниката информираат дека е хоспитализирано со тешка респираторна инфекција, тешка општа состојба и засегнати витални функции. Настапило рапидно влошување на состојбата, со отежнато дишење, со пад на сатурација “, стои во вчерашното соопштение од Министерството за здравство.