Казахстан денеска (6 октомври) одржува референдум за тоа дали да ја изгради својата прва нуклеарна централа, бидејќи оваа централно-азиска земја се обидува постепено да ја прекине зависноста од јаглен, најзагадувачкиот извор на енергија.
Гласањето започна во 7 часот по локално време, а избирачките места ќе бидат отворени до 20 часот.
Казахстанската влада проценува дека изградбата на нуклеарна централа би чинела до 12 милијарди долари.
Нацијата богата со ресурси најмногу се потпира на електрани на јаглен за производство на електрична енергија. Казахстан, исто така, увезува електрична енергија од Русија, бидејќи со сопствената застарена инфраструктура се бори да ја задоволи домашната побарувачка.
Видете и ова: Казахстански активисти во притвор пред референдумот за нуклеарна централаПраво на глас имаат над 12 милиони граѓани.
Референдумот се смета за валиден доколку на него учествувале повеќе од 50 проценти од граѓаните на изборните листи.
Прашањето кој ќе ја гради нуклеарката не беше ставено на гласање.
Владата објави дека ги разгледува апликациите од Русија, Кина, Јужна Кореја и Франција.
Претседателот Касим-Жомарт Токаев, по денешното гласање во Астана, изјави дека меѓународен конзорциум би можел да ја преземе изградбата на нуклеарната централа. Тој не соопшти детали.