Масовни, последователни напади ги погодија јужните предградија на Бејрут, Либан, од доцна во саботата (5 октомври) до неделата, велат очевидци за агенцијата Ројтерс.
Ова се случува по неколкудневните израелски бомбардирања на предградијата на Бејрут кои се сметаат за упориште на милитантната група Хезболах поддржана од Иран, при што беше убиен нејзиниот водач Сејед Хасан Насралах и веројатно неговиот потенцијален наследник.
Либански безбедносен извор во саботата изјави дека тој не бил во контакт од петокот со Хашем Сафиедин, потенцијалниот наследник, по израелскиот воздушен напад во близина на меѓународниот аеродром во градот, за кој се вели дека бил цел.
Израелската војска соопшти дека го елиминирала Насралах во нападот врз централниот штаб на групата во Бејрут на 27 септември. Дека е убиен потврди Хезболах - либанската група поддржана од Иран, која САД ја сметаат за терористичка организација, додека Европската унија го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.
Либански безбедносни извори соопштија дека израелските напади во петокот врз Дахије, станбена област и упориште на Хезболах, јужно од центарот на Бејрут, ги спречиле спасувачките екипи да го пребараат местото на нападот во четвртокот вечерта.
Хезболах досега не коментираше за Хашем Сафиедин.
Неговата загуба ќе биде уште еден удар за групата и нејзиниот покровител Иран.
Израелските напади низ регионот во текот на изминатата година, кои нагло се забрзаа во последните седмици, го десеткуваа раководството на Хезболах.
Израел ги проширува своите акции во Либан. Го започна својот прв напад врз северниот град Триполи во саботата, изјави либански безбедносен претставник, а израелските трупи започнаа рации на југ.
Видете и ова: Експлозии во Бејрут, во тек се борби меѓу Хезболах и израелската армијаНајмалку осум напади ги потресоа јужните предградија на Бејрут доцна во саботата, вклучително и во близина на аеродромот, според очевидци на Ројтерс, откако израелската војска предупреди некои жители да ја напуштат областа.
Пред неодамнешната ескалација, размената на оган меѓу Израел и Хезболах беше главно ограничена на израелско-либанската гранична област, паралелно со едногодишната војна на Израел во Газа против палестинската група Хамас, која е означена како терористичка организација од Соединетите Држави и ЕУ.
Портпаролот на израелската војска, контраадмирал Даниел Хагари, во саботата изјави дека Израел убил 440 борци на Хезболах во своите копнени операции во јужен Либан и уништил 2.000 цели на Хезболах.
Хезболах не објави бројка на загинати.
Израел вели дека го засилил нападот врз Хезболах за да овозможи безбедно враќање на десетици илјади граѓани во нивните домови во северниот дел на Израел, кој групата го бомбардира од минатиот 8 октомври.
Израелските власти во саботата објавија дека девет израелски војници досега се убиени во јужен Либан.
Израелските напади беа смртоносни за стотици Либанци-цивили, велат официјалните лица, и протераа 1,2 милиони луѓе - речиси четвртина од населението - од своите домови.
Видете и ова: Хамас ја потврди смртта на својот командант во израелскиот напад врз ЛибанЛибански функционер за безбедност, за Ројтерс изјави, дека припадник на Хамас, неговата сопруга и двете деца биле убиени во нападот врз палестинскиот бегалски камп во Триполи во саботата. Медиумите поврзани со палестинската група соопштија дека во нападот бил убиен водачот на нејзиното вооружено крило, идентификувајќи го како Саид Аталах.
Немаше коментар од Хамас.
Израелската војска соопшти дека два проектили преминале од Либан, од кои едниот бил пресретнат додека другиот паднал, но не предизвикале никаква штета.
Насилството доаѓа како што се приближува годишнината од нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел, во кој според израелските податоци беа убиени 1.200 луѓе, а околу 250 беа земени како заложници.
Подоцнежниот напад на Израел врз Газа уби речиси 42.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа, и го расели речиси целото население на енклавата од 2,3 милиони.
Влијанието врз цивилите предизвика широки протести на меѓународно ниво. Илјадници демонстранти излегоа на улиците во големите градови ширум светот во саботата додека се приближува годишнината.