Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе го претстави „планот за победа“ на Киев за време на претстојниот состанок на западните сојузници во Германија.
„Ќе го претставиме победничкиот план, јасни, конкретни чекори за праведен крај на војната“, напиша Зеленски денеска (5 октомври), мислејќи на сеопфатната војна со Русија што започна кога Украина беше нападната во февруари 2022 година.
Во воздухопловната база Рамштајн во Германија, на 12 октомври ќе се одржи 25-тиот состанок на повеќе од 50 сојузници и партнери, колективно познати како Контакт група за одбрана на Украина.
Осврнувајќи се на стратегијата како „мир преку сила“, Зеленски рече дека „планот за победа предвидува неопходно зајакнување на Украина“.
Тој посочи дека Киев веќе започнал разговори со Соединетите држави, водечки поддржувач на Украина за време на војната со Русија, и додаде - „ги вклучуваме сите партнери“.
Зеленски почна делумно да го открива „планот за победа“ на Украина, во август, а подоцна објави дека тој е речиси завршен и се состои од „четири главни точки и една што мора да се спроведе по војната“.
Видете и ова: Зеленски го посети регионот Суми на границата со руската провинција КурскЗа време на неговата посета на Вашингтон, минатиот месец, тој им го претстави планот на американскиот претседател Џо Бајден, како и двајцата кандидати на претседателските избори на 5 ноември - сегашната потпретседателка Камала Харис (демократ) и поранешниот претседател Доналд Трамп (републиканец).
Портпаролот на Стејт департментот на САД тогаш соопшти дека планот содржи „голем број продуктивни чекори“.
За планот не се знае многу повеќе, иако The Wall Street Journal цитираше анонимни американски официјални лица велејќи дека во суштина тоа е обновено барање за повеќе оружје и за земјите кои донираат ракети со долг дострел да ги укинат ограничувањата за нивно користење за подлабок напад на руска територија.
Кон крајот на септември, Зеленски рече дека Украина и нејзините партнери треба да „одредат заеднички чекори и заедничка визија како да го зголемат притисокот врз Русија“ за време на состанокот во Рамштајн.
Зеленски, исто така, рече дека војската на Украина се соочила со „многу, многу тешка“ ситуација бидејќи продолжува да се одбранува од инвазијата на руските сили кои постигнаа значителни придобивки на истокот на Украина во последните неколку седмици.
Сепак, тој ја истакна важноста на украинската војска да има придобивки пред состанокот во Рамштајн за да ги увери сојузниците во своите способности.
Предвидено е Зеленски повторно да се сретне со американскиот претседател Бајден за време на собирот.