Тетовските пожарникари ноќеска имале над 20 повици за интервенции за испумпување на вода од поплавени куќи, дворови, подруми и улици. Најголем дел од поплавените куќи се во селата Мала Речица и Голема Речица, јавува агенцијата МИА.
Интензивниот дожд траеше повеќе часа, а претпладнево нема врнежи.
„Уште пожарникарите во Тетово интервенираат кај подвозниците на излез од градот или внатре во градот каде што има два вакви подвозници“, истакна Авни Амети, командир на Територијалната противпожарна единица Тетово.
Видете и ова: Променливо облачно време со повремен дождКако што објасни Амети, се поплавуваат неколку критички точки каде постојано има проблеми при поинтензивен дожд.
„Имаше шест такви точки, но интервенираше општината, сега имаме три критични точки. Тоа се населба Деребој, подвозникот за Фалише и селата Мала и Голема Речица. Во минатото не се предвидело како ќе биде за 10 или 20 години. Така, имаме мали цевки за атмосферска канализација ставени за 20 куќи, а сега има по 50 куќи“, изјави Амети.
Пожарникарите во текот на вчерашниот ден извлекуваа и неколку возила кои заглавиле кај поплавените подвозници.