Експлозии во Бејрут, во тек се борби меѓу Хезболах и израелската армија

Илустрација

Либанското милитантно движење Хезболах објави дека продолжуваат борбите против израелските сили на границата, а сведоци од Бејрут јавуваат дека во тој град повторно се слушаат експлозии.

Хезболах објави дека израелската армија се обидува да влезе во јужниот либански град Одаисех и дека борбите се во тек, јавува Ројтерс.

Либанската група Хезболах е поддржана од Иран, а САД ја сметаат за терористичка организација, додека Европската унија го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.

Очевидци од либанскиот главен град за агенцијата изјавија дека силни експлозии се слушнале во јужните предградија, рано во саботата.

Израел претходно издаде три предупредувања до жителите веднаш да ги напуштат тие делови на Бејрут.

Израел, исто така, го отсече клучниот пат во близина на либанскиот граничен премин Маснаа со Сирија што стотици илјади луѓе го користеа за да избегаат од израелското бомбардирање во последните денови.

Израел го обвини Хезболах дека ги користи граничните премини со Сирија за да внесе оружје. Повеќе од 300.000 луѓе - огромното мнозинство од нив Сиријци - преминаа од Либан во Сирија во изминатите 10 дена за да избегаат од ескалацијата на израелското бомбардирање.

Видете и ова: Хаменеи: Иран „нема да отстапи“ додека Израел напаѓа во Бејрут

Либанската влада го обвини Израел дека цели на цивили, укажувајќи на десетици убиени жени и деца. Израел вели дека е насочен кон воените капацитети и презема чекори за да се намали ризикот од повредување на цивилите. Ги обвинува Хезболах и Хамас дека се кријат меѓу цивилите, што тие го негираат.

Упадот на Израел во Либан, кој почна претходно оваа седмица, предизвика страв од поширок конфликт на Блискиот Исток.

Загриженоста се зголемени кога Техеран започна масовен, најголем досега, балистички ракетен напад врз Израел на 1 октомври, како одмазда за кампањата што еврејската држава во јужен Либан ја започна против Хезболах поддржан од Иран, што предизвика предупредувања за контрамерки од Израел и неговиот главен сојузник САД.

Израел, во консултација со САД, ги разгледува опциите за одговор на иранскиот ракетен напад на 1 октомври.

Американскиот претседател Џо Бајден, на прашањето на новинарите во Вашингтон во четвртокот - дали Белата куќа поддржува напади врз иранските нафтени објекти, рече: „Зборуваме за тоа“.