Владата на Херцеговско-неретванската жупанија на вонредна прес-конференција потврди дека се пронајдени 13 тела на загинатите во поплавите, а не 16, како што соопштија вчера.
Појаснија дека вчера двапати биле пријавени три тела. Од тој број, 12 лица се од Долна Јабланица, а еден е од Коњиќ. Потрагата по шест лица во Јабланица и четири во Коњиќ сѐ уште трае.
Поради обилните врнежи, поплавени се и делови од општините Кисељак, Крешево и Фојница, во централна БиХ.
Околу 500 жители на селото Дусина во општина Фојница во централна Босна и Херцеговина сѐ уште се отсечени, откако поплавата и одроните ја уништија патната комуникација кон Фојница и ги поплавија селата Баковиќи, Луке, Гојевиќи.
„Екипата преку шумскиот пат успеа да стигне до Дусина и ја утврди состојбата, а по шумскиот пат над планината е испратена механизација за побрзо да се санира патот“, изјави за РСЕ, Анида Рамиќ, портпарол на општината.
Се проценува дека рехабилитацијата на патот ќе трае со денови, можеби и со недели, бидејќи повторно е забележано издигнување на реката Железница.
Видете и ова: Поплави и одрони во областа Јабланица и во централна Босна„Не верувам дека одроните се предизвикани од обилни дождови. Поради големите суши, карпите пукнаа. Обилните дождови и поројните дождови само направија сето тоа побрзо да се распадне“ вели за РСЕ, Мартин Таис, експерт за климатски промени, коментирајќи ги бројните свлечишта и одрони на југот на Босна и Херцеговина.
Локалните избори закажани за утре (6 октомври) се одложуваат во четирите општини погодени од поплавите: Јабланица, Коњица, Кисељак и Крешево. Во Фојница изборите се одложени на три избирачки места. Ваква одлука донесе Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина на денешната седница (5 октомври).
Одлуката за датумот на одржување на одложените избори во четирите општини ќе биде донесена кога ќе се исполнат условите за нивно одржување.
На вонредна седница на 4 октомври, Претседателството на Босна и Херцеговина едногласно донесе одлука за ангажирање на вооружените сили на Босна и Херцеговина на поширокото подрачје на општина Јабланица.
Итно биле ангажирани инженерски единици, единици за спасување луѓе и хеликоптер на вооружените сили на БиХ, со цел да се обезбеди итна помош на цивилните власти за одговор на природната катастрофа - големи поплави и лизгање на земјиштето во поширокото подрачје на општината Јабланица.