Највисокиот суд на ЕУ одлучи дека полот и националноста на Авганистанките се доволни за азил

Архивска фотографија

Европскиот суд на правдата (ЕСП) на 4 октомври пресуди дека само полот и националноста се доволна причина земјата да даде азил на авганистанските жени, каде што владејачките талибанци драстично ги ограничија правата на жените.

Властите во Австрија одбија да дадат статус на бегалец на две Авганистанки кои поднеле барање за азил во 2015 и 2020 година.

Нивната жалба стигна до австрискиот Врховен административен суд, кој потоа побара одлука од Европскиот суд на правдата, највисокиот суд на Европската унија.

„Не е неопходно да се докажува дека постои ризик апликантката да биде конкретно и директно изложена на акти на прогон доколку се врати во нејзината земја на потекло“, се наведува во пресудата на ЕСП.

„Доволно е да се земат предвид нејзината националност и пол“, се додава.

Министерството за внатрешни работи на Австрија не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

Една жена, идентификувана како А.Х. во судските документи, побегнала од Авганистан во Иран со нејзината мајка и сестрите кога имала 13-14 години, откако нејзиниот татко зависник од дрога се обидел да ја продаде, според судските документи.

Втората жена, идентификувана како Ф.Н., родена во 2007 година, никогаш не живеела во Авганистан. Таа и нејзиното семејство живееле во соседен Иран без дозволи за престој, што значело дека немале право на работа, а Ф.Н. не можел да оди на училиште.

Таа побегна од Иран пред да поднесе барање за азил во Австрија.

„Таа рече дека ако се врати во Авганистан, како жена, ќе биде изложена на ризик да биде киднапирана, нема да може да оди на училиште и можеби нема да може да се издржува без своето семејство“, се наведува во документот на Европскиот суд на правдата.

Видете и ова: „Моите соништа се претворија во прашина“: Гласови на Авганистанки на кои Талибанците им забранија да учат

Од враќањето на исламистичкиот талибански режим на власт во 2021 година, жените во Авганистан се соочуваат со сериозни ограничувања на нивните права, вклучително и забрана за образование, работа и независност во секојдневниот живот.

Во август, талибанците воведоа широк сет на морални правила во согласност со шеријатскиот (исламски) закон.

Овие правила ги спроведува Министерството за морал, кое вели дека привело илјадници луѓе поради прекршување.

Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации ги повика талибанците да стават крај на „драконските“ закони кои, според него, имаат за цел да ги претворат жените во „сенки“.