Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на 4 октомври објави дека го посетил северниот регион Суми, од каде Украина започна голема воена операција врз соседниот руски регион Курск.
Речиси два месеци по ненадејната операција, украинските трупи контролираат големи делови од руската територија долж границата, иако темпото на напредување е забавено и руските сили почнаа да вршат контранапад.
„Клучно е да се разбере дека операцијата во Курск е навистина стратешка работа, нешто што додава мотивација на нашите партнери, мотивација да застанеме покрај Украина, да бидеме поодлучни и да извршиме притисок врз Русија“, рече Зеленски на Телеграм.
Како што може да се види на видеото објавено на Телеграм, Зеленски ја посети 82-та воздушно-десантна бригада со врховниот командант на армијата, генералот Александар Сирски.
Зеленски се заблагодари на армијата за одбраната на територијалниот интегритет на Украина.
Тој рече дека офанзивата Курск „многу му помогна“ на Киев да обезбеди нови пакети воена поддршка од Западот.
„Мораме да го мотивираме целиот свет и да ги убедиме дека Украинците можат да бидат посилни од непријателот“, им рече тој на војниците.
И покрај почетниот брз успех, воената операција во руската област Курск не успеа значително да ги попречи руските напади во источна Украина.
На 2 октомври, украинската армија објави дека се повлекла од градот Вухледар за да не биде опкружен од руските трупи, кои исто така се приближиле на околу седум километри од стратешкиот центар Покровск, кој се наоѓа нешто посеверно.
Видете и ова: Најмалку три жртви во руското гранатирање на Украина, уништена е инфраструктурата во ПокровскГенералот Сирскиј на Фејсбук објави дека неодамна разговарал за соработка на бојното поле и во сајбер просторот со генералот Кристофер Каволи, шеф на американската европска команда и генералот Тимоти Хау, шеф на американската сајбер команда.
Сирскиј ја истакна потребата од зајакнување на сајбер соработката.
„Важно е да ги искористиме сите расположливи можности за да постигнеме супериорност над непријателот, како на бојното поле, така и на сајбер просторот“, додаде генералот Сирскиј.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска соопшти дека одржал средба со военото раководство, на која разговарале за линиите на фронтот, воздушната одбрана и енергетската ситуација во регионот Суми.
Русија континуирано ја напаѓа електричната инфраструктура, што доведува до прекини на електричната енергија.