Следниот вторник на 8 октомври во Будимпешта ќе биде потпишан договорот за унгарскиот кредит во висина од 500 милиони евра. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска.
„Очекувам до крајот на следната недела парите да легнат на буџетските сметки“, изјави Димитриевска-Кочовска.
Заемот од Унгарија, премиерот Мицкоски го договори со унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашингтон. Мицкоски соопшти дека „условите под кои е земен кредитот, се поволни - 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата“.
Законот за унгарскиот кредит беше донесен во македонското Собрание на 17 септември. Половина од парите од кредитот ќе одат за бизнис секторот, додека другата половина ќе биде наменета за проекти на општините. На јавниот повик што го распиша Министерството за локална самоуправа пристигнати се 357 апликации од 80 општини.
На 30 септември РСЕ објави дека Стопанската комора и Комората на Северозападна Македонија немаат никакви детали за начинот на кој ќе се делат 250 милиони евра кои Владата ги најавува како заем од Унгарија, а ќе бидат наменети за развој на бизнисите. Неофицијално од коморите велат дека се уште не ги знаат критериумите, ниту пак дали тие ќе бидат заем за фирмите или нешто друго. Чекаат да бидат информирани па потоа да одлучат дали ќе аплицираат.
Видете и ова: Компаниите чекаат услови за унгарскиот заем, Владата уште не го потпишала договоротОпозицискиот СДСМ обвинува дека договорот за заем е коруптивен бидејќи е направен вонинституционално, а нивните сомжени се дека зад унгарскиот кредит стојат кинески пари.
Во договорот уште има низа забранети активности за кои не би смеело да се користат парите без разлика дали се за општините или за бизнисите. Забранети се трансакции поврзани со перење пари, финансирање тероризам, кои се спротивни на одредбите во унгарското законодавство на ЕУ, финансирање производи и услуги коишто се етички или морално неприфатливи како на пример сексуални помагала или медиумски производи, експериментирање врз животни.