По кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, Обвинителството започна предистражна постапка против шест затворски полицајци вработени во казнено поправната установа - затвор Идризово. Лицата се осомничени дека сториле кривично дело овозможување бегство на лице лишено од слобода.
„Според наводите во кривичната пријава, осомничените затворски полицајци вработени во Идризово, додека биле на смена и постапувале по Наредба за извршување на работните задачи за наведениот ден, како соизвршители, спротивно на одредбите од Законот за извршување на санкции и Правилникот за овластувањата на затворската полиција и начинот на вооружување и вршење на работите на затворската полиција, со давање лажни податоци/изјава спрема раководните затворски полицајци овозможиле бегство на седум правосилно осудени лица кои издржувале казна затвор во отвореното одделение во КПУ-КПД Идризово“, пишува во соопштението на обвинителството.
Од ОЈО информираат дека надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка предложи на петмина осомничени да им бидат определени мерки на претпазливост како поблаги мерки за обезбедување присуство.
И тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи судијата на претходна постапка, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со осомничените во оваа постапка, како и забрана за преземање на определени работни активности – затворски полицаец, а кои се поврзани со кривичното дело.
За еден од осомничените истите мерки се определени во друг предмет што се води против него. За ова кривично дело согласно Кривичниот законик е предвидена казна затвор од од три месеци до пет години.