Лавров го повика Западот да ги укине санкциите кон Авганистан

Сергеј Лавров

На 4 октомври рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го повика Западот да ги укине санкциите за Авганистан предводени од Талибанците и да преземе „одговорност“ за напорите за обнова на земјата.

Москва планира да ги отстрани Талибанците, кои ја предводат меѓународно непризнаената влада во Авганистан, од листата на терористички организации, што пак би можело да ја подобри соработката меѓу Москва и Кабул, пренесува АФП.

„Ги повикуваме западните земји да ја признаат својата одговорност за постконфликтната обнова на Авганистан, да ги укинат ограничувањата и да ги вратат конфискуваните средства во Кабул“, рече Лавров.

Талибанците се под санкции од Запад повеќе од две децении, а мерките првично беа наметнати за да се ограничи финансирањето на Ал Каеда и другите означени терористички организации.

Претставникот на рускиот претседател за Авганистан, Замир Кабулов, рече дека се надева оти „конечната одлука“ за бришење на групата од списокот на руски терористички организации „ќе биде објавена во многу блиска иднина“, пренесоа руските државни новински агенции, повикувајќи се на АФП.

Лавров и Кабулов ги дадоа изјавите на годишниот дипломатски форум за Авганистан, чиј домаќин беше Русија, на кој учествуваа претставници на Талибанците и соседните земји од Блискиот Исток и Централна Азија.

Видете и ова: Владата на Талибанците во Авганистан станува главен противник на Пакистан

Советскиот Сојуз водеше 10-годишна војна во земјата во 1980-тите, во конфликт што доведе до појава на муџахедински борци на отпорот, од кои подоцна многу од нив станаа талибански лидери. Историчарите исто така веруваат дека оваа војна придонела за распадот на Советскиот Сојуз.

Шефот на руската безбедносна служба ФСБ, Александар Бортников, на 4 октомври изјави дека сака да види „заемна корисна“ соработка со авганистанските специјални служби, објавија руските државни новински агенции.

Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, исто така, рече дека Русија нема да прифати „трети земји“ да поставуваат воени бази во Авганистан или да основаат нови воени објекти во соседните земји „под никаков изговор“.

Русија има голема воена база во својот сојузник Таџикистан, кој граничи со Авганистан.