Во кратко обраќање во јавноста, врховниот ирански лидер, ајатолахот Али Хаменеи го одбрани ракетниот напад на Иран против Израел кој се случи неделава, велејќи дека тоа е „легитимно и легално“ и дека „ако е потребно“, Техеран ќе го повтори тоа.
Говорејќи на фарси и на арапски за време на петочната молитва во центарот на Техеран на 4 октомври, Хаменеи рече дека Иран и регионалните посредници што ги поддржува нема да се повлечат од Израел, бидејќи стравувањата од поширок регионален конфликт на Блискиот Исток растат среде бранот повеќекратни масовни воздушни напади и копнеен упад на Израел во Либан.
Иран нема „да одолговлекува ниту да дејствува набрзина за да ја изврши својата должност“ во соочувањето со Израел, рече Хамнеи, додавајќи дека нападот од проектили истрелани кон Израел претходно неделава е „легален и легитимен“.
Обраќањето на Хаменеи дојде неколку часа откако огромните експлозии испукаа пламени топки високо кон небото додека израелските воздушни напади ги потресоа предградијата на Бејрут, со големи експлозии кај меѓународниот аеродром во Бејрут кој граничи со Дахие - упориште на Хезболах, милитантна група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан.
Израелската војска не ја коментираше целта на нападите, но некои медиуми и аналитичари шпекулираа дека локацијата, големината и опсегот укажуваат дека тоа би можело да биде Хашем Сафиедин, кој нашироко се смета за фаворит за преземање на раководството на Хезболах. Засега не е јасно дали Сафиедин е убиен во нападите.
Претходниот водач на групата, Хасан Насрала, беше убиен минатата недела во израелски воздушни напади врз командниот центар на Хезболах, кој е означен како терористичка организација од САД, додека Европската Унија го стави на црната листа само вооруженто крило, но не и нејзината политичка партија, која има места во либанскиот парламент.
Упадот на Израел во Либан, кој започна претходно оваа недела, предизвика страв од поширок конфликт на Блискиот Исток.
Загриженоста порасна кога Техеран на 1 октомври започна масовен балистички ракетен напад врз Израел, негов најголем досега, како одмазда за кампањата што ја започна еврејската држава во јужен Либан против Хезболах, што предизвика предупредувања за контрамерки од Израел и нејзиниот главен сојузник, САД.
Настапот на Хамнеи на 4 октомври беше првпат по речиси пет години тој да одржи јавна проповед. Последен пат тој ги водеше петочните молитви во јануари 2020 година по иранскиот ракетен напад врз американската воена база во Ирак како одговор на убиството на командантот на Револуционерната гарда Касем Сулејмани во американски напад во Багдад.