Поплавени повеќе градови во БиХ, најтешка е состојбата во Јабланица

илустрација

Владата на Херцеговско-неретванската жупанија соопшти дека се пронајдени десетина мртви тела и дека „има многу повредени“, по обилните врнежи во текот на ноќта (4 октомври), предизвикани од лизгање на земјиштето и одрони на југот на Босна и Херцеговина. Портпаролот на Владата, Дарко Јука изјави дека е најкритична состојбата во областа Долна Јабланица, на патот од Мостар до Сараево.

„Трудницата, чие дете и почина во утробата, беше евакуирана од подрачјата погодени од поплавите на југот на Босна и Херцеговина и e оперирана во Мостар“, изјави Ламија Дурановиќ, директор на кантоналната болница „Д-р Сафет Мујиќ“ за Радио Слободна Европа.

Повреден е и нејзиниот сопруг, но е надвор од животна опасност.

„Примено е уште едно десетгодишно дете кое било донесено со хеликоптер на ЕУФОР, чиј живот не е загрозен“, рече Дурановиќ, додавајќи дека пациентите постојано пристигнуваат, а се превезуваат со хеликоптери или амбулантни возила.

Претходно надлежните потврдија дека има жртви на подрачјето на општина Јабланица.

„За жал, според првите информации, имаме и човечки жртви. Побаравме и помош од вооружените сили на Босна и Херцеговина да испрати хеликоптер за да го спаси животот на детето во Јабланица“, рече Марија Бухач, претседател на Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон (ХНК).

На вонредна седница на 4 октомври, Претседателството на Босна и Херцеговина едногласно донесе одлука за ангажирање на вооружените сили на Босна и Херцеговина на поширокото подрачје на општина Јабланица.

Поплави и одрони во областа Јабланица и во централна Босна

Итно биле ангажирани инженерски единици, единици за спасување луѓе и хеликоптер на вооружените сили на БиХ, со цел да се обезбеди итна помош на цивилните власти за одговор на природната катастрофа - големи поплави и лизгање на земјиштето во поширокото подрачје на општината Јабланица.

Адил Шута, командант на Штабот за цивилна заштита на ХНЖ и министер за финансии, рече дека ги ангажирале сите расположливи сили и дека „од Мостар се движат кон Јабланица“ и дека во дел од Бутуровиќ Поље, село меѓу Јабланица и Коњиќ, ситуацијата е „ критична“.

Портпаролот на Владата на ХНК Дарко Јука изјави дека патот е целосно во прекин, а телефонската комуникација делумно е прекината на подрачјето на Јабланица и Коњиќ. Тој прецизира дека имало сериозни одрони и излевање на реки, а пропаднале и патиштата од Јабланица кон север и градот Прозор-Рама.

Видете и ова: Жештините и невремињата не се исти како пред десет години

Од противпожарната служба на Јабланица за РСЕ велат дека екипите се на терен и дека ситуацијата е критична. Тие наведуваат и дека поради обилните врнежи и одрони затворени се делови од патиштата од Коњиќ кон Мостар, како и патниот правец Прозор-Рама-Јабланица.

Железниците на Федерацијата Босна и Херцеговина за РСЕ потврдија дека железничкиот сообраќај меѓу Сараево и Чапљина е откажан. Како што јави дописникот на РСЕ од Мостар, Мирсад Бехрам, некои мостови се однесени од водите во областа на овој град.

Поради обилните врнежи, поплавени се и делови од општините Кисељак, Крешево и Фојница, во централна БиХ. Од Службата за цивилна заштита на општина Кисељак за РСЕ велат дека во текот на ноќта биле поплавени неколку куќи.