Притвор од осум дена за осомничен за полово вознемирување

Илустрација

Основниот суд во Тетово му изрече мерка притвор од 8 дена на осомничен 29 годишен жител на тетовското село Церево по предлог на јавниот обвинител. 29 годишниот маж е осомничен за полово вознемирување и злоупотреба на лични податоци на 17 годишно девојче.

Обвинителството посочува дека сомничениот преку социјалните мрежи во неколку наврати објавувал фотографии од девојчето со вулгарна и недолична содржина.

„Тој упатувал непристојни пораки со што ја нарушувал нејзината чест и углед и предизвикувал чувство на непријатност, навреденост, понижување и страв“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Демнењето и сексуалното вознемирување станаа кривични дела во февруари минатата година со измените на кривичниот законик. Откако измените стапија во сила, работата на обвинителите се зголеми.

Видете и ова: Паднаа и првите пресуди за демнење

Во Обвинителствата (ОЈО) од февруари минатата година до март годинава се примени 51 кривична пријава за ова кривично дело. Најголем дел се пристигнати во скопското Обвинителство, вкупно 13, по што следува Струмица со 6 и во другите по три.

Со новите измени на законот се предвидува дека со парична казна или затворска до три години ќе се казни човекот за кој судот ќе утврди дека ве следи, прогонува, психички ве вознемирува, злоставува или застрашува, лично или преку пишана комуникација, како и ви ги злоупотребува личните податоци.

Казната е поголема ако ова дело го стори близок човек, односно сегашен или поранешен интимен партнер, како и доколку делото е сторено кон дете, тогаш казната може да достигне и до пет години затвор.