Македонскиот премиер Христијан Мицкоски очекува предизвикувачка грејна сезона. Тој во изјава на 3 октомври посочи дека очекува цената на електричната енергија на светските берзи да се зголеми поради војната во Украина.
„Имам чувство дека оваа зима ќе биде прилично предизвикувачка, не поради температурите, туку поради состојбата што се случува во Украина, каде што комплетно е уништен електроенергетскиот систем и Украина влече енергија од Европа, што значи дека тоа ќе ја зголеми цената на електричната енергија на берзите во Европа и ќе ја намали количината, така што ние мораме да бидеме подготвени, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека очекува нова енергетска криза во Европа. Мицкоски уверува дека работењето во АД ЕСМ е нормализирано, иако, како што вели, компанијата наследила долг од над 80 милиони евра.
„Бидете сигурни дека е нормализирано работењето на компанијата и ќе има одговорност за тоа што се случувало, но нема да правиме естрада и театар од тоа. Многу скоро од денеска, ќе бидат посочени лицата што се виновни за состојбата во која е оставена компанијата,“ изјави Мицкоски.
Видете и ова: Само половина од над 18 илјади домаќинства би требало да ги добијат ветените субвенции за инвертериВо меѓувреме раководството ЕСМ и РЕК Битола соопшти дека пред стартот на грејната сезона, , РЕК Битола, е оставен без доволни количини јаглен, а затекнатата руда на депонијата е со исклучително лош квалитет. Директор на производството во АД ЕСМ Зоран Коњановски изјави дека состојбата во рудниците Суводоол и Брод-Гнеотино состојбата е лоша. Тој објасни дека од Суводол може дневно да се експлоатираат околу 4.000 тони јаглен и 2.500 до 3.000 тони од Брод-Гнеотино.
„Тоа значи околу 7.000 тони јаглен, што е доволно за работата на еден блок и нешто малку да остане. Другото ќе го увезуваме за да има доволно РЕК да работи со два блока. За да работат трите блока потребни се 18.000 тони јаглен дневно. Доколку успееме да набавиме јаглен со соодветен квалитет во текот на зимата, ќе го ставиме во функција и третиот блок“, изјави Коњановски.
Со цел да се излезе од кризата со јаглен, новото раководство најави реорганизација во однос на капацитетите во рудниците, за да може, како што велат, да се обезбеди фронт за ископ на квалитетен јаглен.