Тројца лекари загинаа во сообраќајна несреќа, Таравари изрази сочувство

Архивска фотографија, илустрација за сообраќајна несреќа

Тројца доктори загинале утрово во сообраќајна несреќа, а едно лице е тешко повредено. Сообраќајната несреќа се случила при судир на патничко возило и камион на магистралниот пат Прилеп-Битола, на излезот од градот, кај селото Лагово.

„При несреќата патничкото возило се запалило и на местото починале тројцата патници. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош Прилеп, информираат од СВР Битола.

Министерот за здравство Арбен Таравари на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук изрази сочуство семејствата на загинатите лекари.

„Прим. Др. радиолог Александар Ристески, спец. гинеколог Др. Никола Василевски и технологот за радиологија Фанче Јованоска ги загубија животите додека одеа да ја извршуваат својата благородна мисија, како што е докторската работа“, се вели во неговата порака.

Видете и ова: Петмина загинати, меѓу кои три деца, во судир на воено и цивилно возило во Србија

Повреден бил возачот на камионот, кој со итна помош е пренесен во прилепската болница. Повеќе од час и половина екипите на прилепската противпожарна единица интервенирале за да го изгаснат пожарот.

„Кога дојдовме на местото видовме дека не гори само камион, туку и патничко моторно возило, односно се случила сообраќајна несреќа. За да го изгаснеме пожарот интервениравме со пет возила и 12 пожарникари“, изјави Виктор Стојчески, заменик- момандир на ТППЕ- Прилеп.

Со порака за сочувство се огласи и битолската болница „Плодност“, каде што загинатите лекари биле вработени.

„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца“, се вели во нивното соопштение.