Албанските опозициски пратеници и денеска (3 октомври) предизвикаа тензична ситуација, овој пат пред собраниската зграда, откако на исклучените пратеници, поради понеделничкото насилство, не им беше дозволено да влезат во објектот.
Како што јавува дописничката на МИА, дваесет и четирите исклучени пратеници од опозицијата, пристигнале пред Собранието час пред почетокот на пленарната седница, се обиделе да влезат, но биле спречени од припадниците на националната гарда.
И покрај вербалните напади кон нив, пратениците од владејачкото мнозинство влегле во собраниската сала и ја одржале седницата. Во салата биле присутни 71 пратеник, без опозицијата.
По тензиите и судирите со гардата и мнозинството, опозицијата постави кукли со ликовите на премиерот Еди Рама, неговиот брат Олси Рама, поранешниот министер за внатрешни работи, Фатмир Џафај и неговиот брат Герон Џафај.
Видете и ова: Опозицијата во Албанија запали столчиња пред парламентотПратеникот Фламур Нока, генерален секретар на Демократската партија поранешен министер за внатрешни работи, куклите ги полеше со бензин и ги запали, исто како што се случи со пратеничките столчиња во понеделникот. Изјави дека ова го прават како „гест на граѓанска непослушност“.
„Го направивме овој гест на граѓанска непослушност, потоа ќе бидеме цело време во акција. Им благодарам на медиумите што ја покриваа оваа акција на опозицијата како еден од облиците на борба за демократија во оваа земја“, рече Нока.
Инаку, вчера доцна попладне Секретаријатот за етика при албанскиот Парламент донесе одлука, со која, пратениците кои предизвикаа хаос во салата и запалија столици пред собраниската зграда, ги исклучи од работата од 10 дена до два месеца. Почнувајќи од денеска два месеца се казнети Фламур Нока, Газмент Барди и Бледион Налбати. За пратеникот Еди Палока оваа казнена мерка е 10 дена, додека други 20 се исклучени 40 дена.