ЕУ ја тужи Унгарија за законот за „заштита на суверенитетот“

илустрација

Европската комисија во четврток соопшти дека ќе ја тужи Унгарија поради законот со кој се наметнуваат затворски казни за групи кои прифаќаат странски средства за политички цели.

Комисијата во февруари отвори постапка против унгарскиот закон за „заштита на националниот суверенитет“, за кој смета дека ги крши демократските вредности и основните права на Унијата.

„По внимателно проценување на одговорот на унгарските власти, Комисијата останува на ставот дека повеќето од идентификуваните поплаки сè уште не се адресирани“, се вели во соопштението на Комисијата.

Законот, кој беше усвоен во декември 2023 година, забранува странско финансирање на партии или групи кои се натпреваруваат на избори и предвидува казна до три години затвор.

Видете и ова: Европските и локалните избори во Унгарија - тест за „суверенитетот“ на Орбан

Законот беше критикуван од американскиот Стејт департмент, како и од панел експерти за уставно право од Советот на Европа, кои рекоа дека тој може да има „застрашувачки ефект“ врз слободната и демократска дебата во Унгарија.

Европската комисија покрена постапка за прекршување на законот во февруари оваа година, наведувајќи дека тој потенцијално ги поткопува демократските вредности и основните права на Европската Унија.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е на власт од 2010 година ги отфрли обвинувањата дека ја поткопува демократијата во Унгарија по усвојувањето на законот.