Системот Патриот пристигна во Украина, Зеленски и се заблагодари на Романија

Систем за противвоздушна одбрана Патриот

Романското Министерство за одбрана за Радио Слободна Европа потврди дека системот за противвоздушна одбрана Патриот, дониран на Киев од Букурешт, пристигнал во Украина.

Еден ден претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски и се заблагодари на Романија за системот Патриот.

Тој, исто така, побара земјите од НАТО во соседството на Украина да работат на соборување руски беспилотни летала и ракети.

„Благодарам на секоја земја што навистина ни помага во воздушната одбрана. Особено благодарам на Романија за Патриотот“, рече Зеленски.

Видете и ова: Романскиот парламент одобри испраќање на ракетен систем Патриот во Украина

Во септември, Владата на Романија го усвои последниот нормативен акт неопходен за донирање на системот Патриот на Украина.

Во документот, кој е доверлив и не е објавен во Службен весник, се наведува дека Романија и го дава системот на Украина на бесплатна употреба.

Романија, која е членка на НАТО од 2004 година, дели 650 километри долга граница со Украина, а фрагменти од руски беспилотни летала постојано залутаа на нејзина територија.

Романското Министерство за одбрана претходно посочи дека ќе испорача еден од седумте системи Патриот во конфигурацијата 3+ што Романија ги купи од Соединетите Држави.