Претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили на 3 октомври го потпиша пакетот закони со кој групите за права, опозицијата и меѓународната заедница велат дека драстично ги ограничува правата на ЛГБТ заедницата во земјата.
Папуашвили, од владејачката партија Грузиски сон и коспонзор на нацрт-законот, го одобри законот откако претседателката Саломе Зурабишвили на 2 октомври одби да го потпише и го врати во парламентот, во согласност со одредбите на грузискиот устав.
Таканаречениот предлог-закон за „семејни вредности“ беше изгласан во парламентот од Грузиски сон на 17 септември, а гласањето го бојкотираше опозицијата додека демонстрантите одржуваа протести пред зградата на парламентот.
Иако е легален според уставот, потегот на Папуашвили го истакнува драматично поларизираниот политички пејзаж во оваа јужнокавкаска земја, при што Грузиски сон е во судир и со Зурабишвили и со политичката опозиција, која со месеци го бојкотира парламентот пред изборите закажани следниот месец.
По одобрувањето од страна на Папуашивили, законот треба да биде објавен во законодавниот весник на Грузија и ќе стапи на сила на 60-тиот ден од неговото објавување.
Видете и ова: Грузиската претседателка одби да ги потпише анти-ЛГБТ законитеПакетот законски измени, чиј целосен наслов е „За семејни вредности и заштита на малолетници“, носи измени на 18 актуелни закони, вклучувајќи ја и легислативата за слобода на говор и изразување, како и законот за радиодифузија.
Мерките предвидуваат забрана на собири кои го промовираат правото на лицето да се идентификува како пол различен од „неговиот или нејзиниот биолошки пол“ и тие исто така забрануваат собири кои се залагаат за истополова ориентација или врски.
Видете и ова: Борел: Грузија се оддалечува од ЕУ со новите анти-ЛГБТ закониДодека го потпишуваше предлог-законот, Папуашвили ги нападна и Зурабишвили и опозицијата затоа што одбија да го поддржат.
„Симболично е што водачот на девалвираната опозиција, кој стана популарен претседател, одбива да го потпише законот што го штити она што е највредно за една личност - семејството и децата“, рече Папуашвили.
Папуашвили, чија партија останува најпопуларна, според анкетите пред клучните избори на 26 октомври, исто така однапред ги отфрли очекуваните западни критики за неговиот потег.