Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на 2 октомври рече дека не бара војна, но го предупреди Израел да не возврати на ракетниот напад на Иран, бидејќи во спротивно ќе следи силен одговор од Техеран на какви било понатамошни израелски дејства во услови на зголемени стравувања од поширок регионален конфликт.
„Ние не бараме војна. Израел е тој што не принудува да реагираме“, рече Пезешкијан по пристигнувањето во Катар на самитот со азиските земји (2 октомври).
Пезешкијан го критикуваше Израел за убиството на Исмаил Ханије, водачот на Хамас, која е означена како терористичка организација од Соединетите Држави и ЕУ. Ханије беше убиен во јули во Техеран, а Израел ниту ја презеде ниту ја негираше одговорноста за атентатот.
„Ние исто така сакаме безбедност и мир. Израел го уби Ханије во Техеран“, рече Пезешкијан.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Пезешкијан пристигна во Катар еден ден откако Иран истрела бранови балистички ракети кон Израел, а Израел ја засили војната со милитантната организација Хезболах со испраќање војници преку границата во Либан. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ќе возврати на Иран по ракетниот напад на 1 октомври.
„Доколку ционистичкиот режим (Израел) не престане со своите злосторства, ќе се соочи со поостри реакции“, го цитираа Пезешкијан иранските државни медиуми.
Тој додаде дека САД и европските земји треба да му кажат на Израел да не го дестабилизира регионот.
Техеран на 1 октомври изврши масовен балистички ракетен напад врз Израел, негов најголем досега, како одмазда за кампањата што ја започна еврејската држава во јужен Либан против милитантната група Хезболах поддржана од Иран, што пак предизвика предупредувања за контрамерки од Израел и неговиот главен сојузник Соединетите Држави.