Европскиот фронт нема намера да стане дел од владината коалиција, рече Али Ахмети, претседател на Демократската унија за интеграција(ДУИ), на прес-конференција на 2 октомври посветена на 100 дена работа на новата Влада.
„Ние не сме заинтересирани да станеме дел од оваа Влада, бидејќи не сме резервна гума“, рече Ахмети.
Претходно, Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ во Собранието, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) рече „мене нема да ме изненади и за очекување ми е во следниот период ДУИ да биде сигурно дел од Владата“.
Видете и ова: Спасовски: Очекувам ДУИ да стане дел од ВладатаОвој став Спасовски го темели на неколку закони предложени од ВМРО-ДПМНЕ за чие носење беше потребно двотретинско мнозинство, што се обезбеди со гласовите на ДУИ.
И премиерот Христијан Мицкоски не ја гледа ДУИ во Владата. Тоа што од страна на пратениците на ДУИ се гласа за закони со двотретинско мнозинство нема никаква врска со какво било нивно приближување кон Владата, е ставот на премиерот.
„Нашиот став за ова раководство на ДУИ ви е познат, јасен и нема што да додадеме на тоа прашање“, рече Мицкоски на прес-конференција на 1 октомври на која даде отчет за сработеното во првите 100 дена на Владата.
По парламентарните избори на 8 мај, Влада формираа ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди и ЗНАМ, а ДУИ по 16 години власт отиде во опозиција. Изборите ги изгуби и до тогаш владејачката СДСМ.