Шведската полиција во среда (2 октомври) соопшти дека еден ден претходно имало пукање во израелската амбасада во Стокхолм. Никој не е повреден, а истрагата е во тек, пренесува агенцијата АФП.
На 2 октомври, полицијата соопшти дека била предупредена за „истрел“ што се слушнал на улицата во близина на амбасадата во центарот на главниот град, непосредно пред 18 часот по локално време.
„Откривме нешто што укажува на пукање во израелската амбасада, но не сакаме да откриеме што точно откривме бидејќи истрагата е во тек“, изјави за АФП Ребека Ландберг, медиумски службеник во полицијата во Стокхолм.
Соопштението дојде откако полицијата во соседна Данска соопшти дека истражува две експлозии што се случиле во текот на ноќта „во непосредна близина“ на израелската амбасада, а во кои исто така нема повредени.
Шведската полиција соопшти дека информациите укажуваат дека зградата на амбасадата била погодена од истрели.
Портпаролката на полицијата Ландберг рече дека никој не е повреден и дека истрагата е отворена за тежок напад со оружје, загрозување други и незаконски закани.
Видете и ова: Голем број на повредени во вооружен напад во Тел АвивПолицијата не уапси никого, но Ландберг рече дека областа е под силен надзор и полицијата активно собира и анализира снимки.
Престрелката доаѓа во време на зголемени тензии на Блискиот Исток, при што Иран истрела низа проектили на израелска територија, а Израел вети дека ќе го натера Иран да „плати“ за нападот.
Од избувнувањето на војната во октомври 2023 година меѓу Израел и Хамас, кој меѓудругото САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, беа пријавени неколку инциденти кои јасно беа насочени кон израелските интереси во Шведска, наведува АФП.
Во февруари полицијата пронајде граната на теренот на израелската амбасада, за која амбасадорот рече дека е обид за напад. Во средината на мај, беа испукани неколку истрели пред израелската амбасада, што ја натера земјата да ги зголеми безбедносните мерки околу израелските интереси и институциите на еврејската заедница.
Видете и ова: Иран лансираше проектили кон ИзраелРазузнавачката агенција на оваа скандинавската земја САПО кон крајот на мај соопшти дека Иран регрутира членови на шведски криминални банди за да извршат „акти на насилство“ против израелските и другите интереси во Шведска. Овие тврдења Иран ги негираше.
Нордиската земја, исто така, пријави зголемување на антисемитските злосторства од омраза од почетокот на војната во Газа.
На почетокот на јуни, полицијата соопшти дека пронашла „сомнителен експлозивен предмет“ пред канцелариите на израелската воена технолошка компанија „Елбит системи“, позната по своите беспилотни летала, во Гетеборг, вториот по големина град во Шведска.