Девет грузиски невладини организации се додадени во регистарот на „странски агенти“ во земјата, што е првпат откако пред два месеци стапи на сила контроверзниот закон за странски агенти.
На јпрво пет невладини организации беа додадени на листата на 1 октомври: Младинска организација на Украинците во Грузија - Свитанок, Професионален сојуз на фармери и земјоделски работници од Грузија, Куќа на млади Кутаиси, Унија на христијани и Еврејска културна и образовна фондација.
Набргу потоа, беа додадени четири други организации: Девојки-светски лидери, Младински дом Тбилиси, Инклузивни практики и Здружение на иницијативи, развој и вработување.
Имињата на овие организации, заедно со нивните финансиски обелоденувања, се објавени на официјалната веб-страница на Грузискиот јавен регистар на странски агенти.
Според законот, медиумите и невладините организации кои добиле повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странски извори во 2023 година се обврзани да се регистрираат како субјекти кои работат „во интерес на странска сила“. Минатата година мнозинството грузиски медиуми и непрофитни организации го добија тоа ниво на финансирање од надвор.
Видете и ова: ЕУ разгледува визни ограничувања за законот за „странски агенти“ на ГрузијаПроцесот на регистрација мора да се заврши преку Домот на правдата во Тбилиси.
Дополнително, на Министерството за правда му беа доделени широки овластувања за следење и испитување на организациите за усогласеност, вклучително и овластување за пристап до чувствителни информации како што се личните податоци.
Многу организации и медиуми изразија силно противење на законот, а неколку јавно одбија да го почитуваат. Неусогласеноста, вклучително и нерегистрацијата, носи високи финансиски казни.
Грузиските меѓународни партнери изразија сериозна загриженост за законот, за кој критичарите тврдат дека го отсликува контроверзното законодавство за „странски агенти“ на Русија, алатка која Москва широко ја користи за да го потисне несогласувањето и да ги ослабне демократските институции.