Германија уапси кинеска државјанка осомничена за шпионажа

илустрација

Германските власти уапсија кинеска државјанка осомничена дека пренесувала информации за аеродромот во Лајпциг на човек осомничен дека шпионирал за Кина.

Како што соопшти федералното обвинителство во Германија на 1 октомври, Иаки Кси била уапсена во понеделник (30 септември) во Лајпциг под сомнение дека на кинеската разузнавачка служба и давала информации за летови, патници и товар, вклучително и воена опрема.

Се наведува дека таа е вработена во логистичка компанија која обезбедува услуги и за аеродромот Лајпциг/Хале, кој главно е центар за карго.

Соопштено е дека податоците на кои се однесува овој случај првенствено вклучуваат информации за транспорт на воена опрема и луѓе поврзани со германска одбранбена компанија.

Видете и ова: Уапсен помошник на германскиот европратеник поради шпионирање за Кина

Обвинителите тврдеа дека меѓу август 2023 година и средината на февруари, осомничената постојано му пренесувала информации на Џијан Гуо, германски државјанин уапсен во април, кој бил соработник на десничарскиот европратеник Максимилијан Крах.

Се вели дека Гуо бил обвинет дека работел за кинеската разузнавачка служба и пренесувал информации за преговорите и одлуките во Европскиот парламент, како и за следење на кинески дисиденти во Германија.

Во текот на истрагата е извршен претрес на станот и на работното место на осомничената, а судот и одреди мерка притвор до поднесување на обвинението.