Се намалува возраста на лица со срцеви заболувања и затоа неопходно е да се дејствува превентивно и врз работи на кои може да се влијае.
Ваква порака испратија од Македонското здружение по кардиологија на денешното одбележување на Денот на срцето.
„Тоа е фактички придонес од севкупниот начин на живот, темпото на живот. Покрај многуте други фактори, можеби еден од најголемите, исто така е и факторот стрес. Тоа е причината што многу млади луѓе се јавуваат со проблематики, симптоми. Во многу порана возраст од тоа што беше случај во претходните години. Секако дека тука е семејната оптовареност исто така, секој пациент е индивидуа сам за себе“, рече докторот Јогро Костов како претставник на здружението.
Видете и ова: Деветте нови лекови на позитивната листа во аптекитеЗа разлика од пред дваесетина години, кога не било случај, како што рече докторот, денес веќе има пациенти со акутна симптоматологија кои се на возраст од 35 и 40 години, а некогаш и на 30 години.
„Тоа не беше така пред дваесетина години. Од стресот не може да се избега, па ќе мора да се најде некој баланс во работите што може да се променат. Може да се променат исхраната, физичката активност, честотата на превентивни кардиолошки прегледи, да се прекине со пушењето, тоа е она што може да се направи“, рече Костов.
Слични совети упати и директорот на Клиниката за кардиологија, Беким Поцеста. Како што рече, потребни 150 минути умерена физичка активност неделно, водење грижа за исхраната, регулирање на шеќерот и мастите во крвта, прекинување на употребата на никотин и ограничување на алкохолот.
Кога е во прашање свесноста на пациентите за заболувањата, докторот Костов посочи дека во последните години таа е на повисоко ниво односно пациентите порано доаѓаат на преглед. Иако се задоволни од ваквиот тренд како лекари, тој порача дека има простор и за уште поголемо подигање на свесноста.
Видете и ова: Дишеме опасни материи, загадувањето на воздухот го мерат „двајца без тројца“Денот на срцето – 29 септември, Македонското здружение по кардиологија го одбележа денеска.
Во последниот извештај за кардиоваскуларни заболувања на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објавен на 27 септември, се нагласува дека овој тим на болести се водечка причина за смрт на глобално ниво и „тие предизвикуваат повеќе смртни случаи отколку сите други причини заедно и ги зафаќаат најмногу земјите со низок и среден приход“.
Во Република Северна Македонија, како што се нотира, во 2023 година од болести на циркулаторниот систем починале 8.836 лица што значи дека стапката на смртност била 483 лица на 100.000 жители. Како што забележува ИЈЗ, болестите на циркулаторниот систем учествуваат со 43,8 отсто во вкупниот морталитет и се на прво место во структурата на причини за смрт.