Касим: Хезболах ќе избере нов лидер што поскоро

Наим Касем, заменик шеф на Хезболах

Наим Касем, заменик шеф на Хезболах

Хезболах „во првата можност“ ќе избере наследник на убиениот генерален секретар Сајед Хасан Насрала и ќе ја продолжи борбата против Израел, изјави на 30 септември заменик-шефот на групата поддржана од Иран, Наим Касем.

Како што јавува Ројтерс, тој ова го изјавил во телевизиски настап, што е прво појавување на функционер на Хезболах, чие воено крило САД го смета за терористичка организација, откако беше убиен Насрала.

Хезболах, милитантната група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан, рече дека Насрала бил убиен во израелските воздушни напади врз главниот град Бејрут на 27 септември.

Смртта на Насрала е „голема загуба и срам“ за Иран, рече Али Фатолах-Неџад, директор на Центарот за Блискиот Исток и глобален поредок со седиште во Берлин.

Видете и ова: Кој беше Хасан Насрала, убиениот лидер на Хезболах?

Тоа е „најтешкиот удар за регионалната позиција на Техеран“ од убиството на иранскиот врховен командант Касем Сулејмани во американски воздушен напад во Ирак во 2020 година, изјави Фатолах-Неџад претходно за Радио Фарда, иранскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Насрала беше избран за шеф на Хезболах кога имаше 32 години. Со значителна финансиска и политичка помош од Техеран, тој го претвори Хезболах во моќен политички и воен ентитет во Либан и главен играч во регионот.