Тошковски: МВР жестоко ќе одговори на секој обид за дестабилизација

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи

Обидите за подгревање на меѓуетничките тензии се реалност за која надлежните служби проследуваат соодветни информации, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на отворањето на регионален центар за обука во полицискиот центар во Ѓорче Петров.

Тој уверува дека Министерството за внатрешни работи е подготвено да одговори на предизвици кои ќе бидат насочени кон дестабилизација на земјата.

„Доколку има такви предизвици во иднина, жестоко ќе одговориме. МВР е подготвено соодветно да одговори на секое она дејствие кои ќе биде насочено кон дестабилизација на државата. Многупати досега во јавноста беше истакнато дека службите во рамки на институционалните форми кои што ги имаме во државата, а се занимаваат со овој тип на надлежност, проследуваа и проследуваат соодветни информации до надлежните раководни органи, а истите беа споделувани соодветно и со премиерот и со претседателката. Сето она кое сме го говореле во минатото од аспект на обиди, видовме дел од нив во овие месец дена, од аспект на обиди за подгревање меѓуетнички тензии, дека се реалност. Соодветно одговоривме, соодветно ќе одговориме и во иднина“, порача министерот Тошковски.

Видете и ова: Кога ќе згусне се посега по меѓуетничките односи

Првиот човек на полицијата истакна дека МВР ги има соодветните капацитети за да одговори на начин на кој што ќе биде потребно, со цел сите граѓани да се чувствуваат безбедно и мирно и во рамки на тој безбеден и мирен систем да ги остваруваат своите права.

Тој меѓудругото, дополни дека во изминатиот период МВР отворило голем број истраги и вети резултати таму каде што ќе бидат обезбедени соодветни докази за евентуални прекршувања на законот.