Израелски напад во центарот на Бејрут, загинале тројца палестински лидери

Полицајци на местото на израелскиот напад, во Кола, централен Бејрут, Либан, 30 септември 2024

Народниот фронт за ослободување на Палестина (PFLP) во Либан објави дека тројца негови членови биле убиени во воздушен напад рано наутро во Бејрут во близина на мостот Кола, на главната раскрсница во градот.

Ова е првпат локација во границите на либанската престолнина да биде погодена во актуелната војна. Тоа е и прв напад врз центарот на Бејрут по војната во 2006 година.

Вооружената група соопшти дека се убиени Мохамед Абед Ал-Ал, член на нејзиното политичко биро и шеф на одделот за воена безбедност, Имад Одех, член на воениот оддел и воената команда во Либан и Абдул Рахман Абед Ал-Ал.

ПФЛП вети дека „ќе го продолжи патот на борбата и отпорот додека окупацијата не биде збришана, без оглед на тоа колку време е потребно и колку се големи жртвите“.

Во неделата, Израел започна воздушни напади против Хутите во Јемен и десетици цели на Хезболах низ Либан, откако претходно уби лидер на Хезболах.

Министерството за здравство со кое раководат Хутите соопшти дека најмалку четири лица загинале, а 29 се ранети во воздушните напади врз јеменското пристаниште Ходеида, за кои Израел рече дека биле одговор на ракетните напади на Хутите.

Видете и ова: Израел ги нападна Хутите во Јемен, расте стравот од сеопфатна војна на Блискиот Исток

Властите во Либан соопштија дека најмалку 105 луѓе биле убиени во израелските воздушни напади во неделата.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека повеќе од 1000 Либанци биле убиени и 6000 ранети во последните две недели, без да прецизира колку од нив се цивили. Владата рече дека милион луѓе или една петтина од населението ги напуштиле своите домови.

Голем број највисоки функционери на Хезболах, вклучително и неговиот лидер Саид Хасан Насрала, беа убиени во израелските бомбардирања во текот на две недели.

Израел вети дека ќе ја продолжи офанзивата и вели дека сака повторно да ги обезбеди северните области за жителите кои биле принудени да избегаат од ракетните напади на Хезболах.

Соединетите Држави повикаа на дипломатско решение на конфликтот во Либан, но исто така ја овластија својата војска да зајакне во регионот. Американскиот претседател Џо Бајден, запрашан дали може да се избегне сеопфатна војна на Блискиот Исток, рече: „Мора да биде“. Додаде дека ќе разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.