Израел продолжи со напади врз цели на Хезболах во Либан

Илустрација

Израелската војска соопшти дека го гаѓа упориштето на милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, во јужен Бејрут на 29 септември во услови на зголемена меѓународна загриженост за поширокиот конфликт и покрај повиците на Обединетите нации за прекин на огнот.

Франција соопшти дека го испраќа својот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро во Либан, откако Баро телефонски разговарал со привремениот либански премиер Наџиб Микати. Париз повика на „итно запирање на израелските напади во Либан“.

Според либанскиот премиер Микати Либан нема „никаква опција освен дипломатска опција“.

Иран вети одговор за убиството на лидерот на Хезболах Хасан Насрала на 27 септември и сигнализираше континуирана поддршка за групите кои се спротивставуваат на Израел, но исто така побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН.

Видете и ова: САД: Убиени се 37 „терористички оперативци“ во Сирија


Израелските одбранбени сили на 29 септември соопштија дека извршиле „прецизен удар“ врз упориштето на Хезболах во јужниот дел на Бејрут.

Микати предупреди дека борбите би можеле да раселат околу 1 милион либански цивили.

Хезболах е означен како терористичка организација од страна на Соединетите држави, додека Европската унија го става на црната листа но само вооружено крило, не и нејзината политичка партија. Политичката партија на Хезболах има места во либанскиот парламент.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху го опиша убиството на Насрала како неопходен потег кон „промена на рамнотежата на силите во регионот во годините што доаѓаат“.

Видете и ова: Израел тврди дека е убиен и високиот функционер на Хезболах, Набил Каук

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи беше цитиран од официјалната новинска агенција Фарс во Њујорк дека „сите треба да бидат свесни дека ситуацијата е крајно експлозивна и дека се е можно...па и војна“.

Тој рече дека „ова ужасно злосторство...нема да остане без одговор“.

Но, со оглед на тоа што аналитичарите изразија сомневање за подготвеноста на Техеран да ризикува директен конфликт со Израел или неговиот сојузник САД, тој исто така сигнализираше дипломатски притисок.

„Дипломатскиот апарат, исто така, ќе ги искористи сите свои политички, дипломатски, правни и меѓународни капацитети за да ги гони криминалците и нивните поддржувачи“, рече Аракчи.

Постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, САД и Кина, повикаа на деескалација, додека Русија предупреди на „напорни“ и „драматични“ последици за регионот.

Видете и ова: Иран: Милитантните групи ќе продолжат со борбата против Израел


Либанската ескалација доаѓа кога израелската војна во Газа се приближува на една година откако терористичката група Хамас, назначена од САД и ЕУ, започна прекуграничен напад во кој загинаа повеќе од 1.200 луѓе во Израел на 7 октомври, од кои многумина цивили.

Постојат стравувања од брзо проширување на конфликтот што може да вклучи израелска копнена офанзива во Либан и на крајот да ги вовлече Иран и САД директно во борбите.

Израелските власти рекоа дека копнената инвазија на Либан е меѓу нивните потенцијални опции.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека „смртта на Насрала од израелски воздушен напад е мерка за правда за неговите многубројни жртви, вклучително и илјадници Американци, Израелци и либански цивили“.

Тој рече дека Вашингтон „целосно го поддржува правото на Израел да се брани од Хезболах, Хамас, Хутите и сите други терористички групи поддржани од Иран“.

Бајден, исто така, рече дека САД ја зајакнуваат својата одбранбена позиција на Блискиот Исток „за да ја одвратат агресијата и да го намалат ризикот од поширока регионална војна“.