Израел тврди дека е убиен и високиот функционер на Хезболах, Набил Каук

Последици од израелските напади врз Либан

Израелската армија на 29 септември соопшти дека е убиен високиот функционер на Хезболах Набил Каук, кој во Либан се сметаше за еден од можните наследници на убиениот лидер на Хезболах Хасан Насрала.

Во соопштението на израелската армија се наведува дека Каук бил убиен во воздушен напад врз Бејрут ноќта меѓу 28 и 29 септември.

Хезболах, која САД ја сметаат за терористичка организација, а нејзиното вооружено крило е ставено на црната листа на Европската унија, засега не ја коментира оваа информација.

Видете и ова: Иран: Милитантните групи ќе продолжат со борбата против Израел


Израелската војска соопшти дека Каук бил командант на „превентивната безбедносна единица“ на Хезболах и висок член на централниот совет на милитантната организација.

Тие тврдат дека бил близок до раководството на Хезболах и дека бил „директно вклучен во извршување на терористички напади против државата Израел и нејзините граѓани, вклучително и оние од изминатите неколку дена“.

Каук се приклучи на Хезболах кон крајот на 1980-тите и беше заменик, а подоцна и лидер на областа на јужниот дел на Либан во извршниот совет, а потоа и заменик-претседател на тој совет.

Видете и ова: Кој беше Хасан Насрала, убиениот лидер на Хезболах?


Борбени авиони го убиле Каук во бејрутското предградие Дахија, познато како упориште на Хезболах, соопшти израелската војска.

Засега не се знае кој ќе го наследи Насрала на чело на Хезболах, кој беше убиен во нападите на израелската армија врз Бејрут на 27 септември.