Последната одлука на Европската Унија со која се разделува Албанија од Северна Македонија во процесот на преговори со Унијата е повод и за денешните политички препукувања и обвинувања на меѓу власта и опозицијата.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува опозициската СДСМ дека се виновни што земјава се најде во исти „кош “ со Албанија и дека дозволи соседот да ја претрка Северна Македонија.
„СДС свесно работат Македонија да биде заглавена почнувајќи од договорите потпишани од (поранешниот премиер Зоран ) Заев, завршувајќи со криминалот и корупцијата кои царуваа седум години со СДС. Радоста на СДС нема да трае, Македонија оди напред“, е наведено во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската СДСМ смета дека за настанатата ситуација виновни се „штетните политики на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Христијан Мицкоски “ со што е загубена европската перспектива. Оттаму велат дека напразни се обидите по „државниот дебалк да ги прават будали македонските граѓани.
„После сите блокади, после сите опструкции, деструкции, кочења, после сите можни изјави на Мицкоски од типот ‘не благодарам’ во ЕУ, денеска ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ. СДСМ ги реши отворените спорови, обезбеди членство во НАТО и ја донесе Македонија пред прагот на ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ цело време ги блокираше сите овие процеси, попречувајќи ја европската интеграција на земјата“, е наведено во партиското соопштение.
Видете и ова: Албанија напред, Северна Македонија стои на патот кон ЕУАлбанија на 15 октомври ќе го отвори првиот кластер од преговорите со Европската Унија, со што се одвојува од Северна Македонија која не го исполни условот да го смени Уставот и да ја внесе бугарската заедница во Преамбулата.
Ваква одлука донеле амбасадорите на државите членки на ЕУ на 25 септември. Во документот во Брисел до коj Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше пристап, се наведува дека Албанија „сега е доволно подготвена во оваа фаза за преговори за кластерот 1“.
Причината е што Северна Македонија досега не го исполни условот што го наметна Бугарија - да го смени Уставот и во него да го вметне и бугарското малцинство. Овој услов влезе во преговарачката рамка која македонското Собрание ја изгласа во јули 2022 година, под називот познат во јавноста како „француски предлог“. Тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше против уставни измени.