Претседателот на иранскиот парламент Мохамад Бакер Калибаф изјави дека милитантните групи ќе продолжат да му се спротивставуваат на Израел со помош на Техеран, по убиството на шефот на Хезболах Хасан Насрала, објавија иранските државни медиуми.
Сојузот познат како „Оската на отпорот“, децении граден со иранска поддршка, ги вклучува палестинската група Хамас, либанскиот Хезболах, јеменските Хути и различни вооружени групи шиитски муслимани во Ирак и Сирија.
Израел на 28 септември објави дека го убил Насрала во воздушен напад врз штабот на Хезболах во јужните предградија на Бејрут на 27 септември. Хезболах ја потврди оваа информација.
„Нема да се двоумиме да одиме на кое било ниво за да му помогнеме на отпорот“, рече Калибаф во неделата, 29 септември.
Тој исто така упати предупредување до САД.
„САД се соучесници во сите овие злосторства и ... мора да ги прифатат последиците“, додаде тој.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека убиството на шефот на Хезболах е „мерка за правда за неговите многубројни жртви“.
Исто така, коментирајќи го убиството на Насрала, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи рече дека Израел „нема да застане“ и дека акцијата нема да остане без одговор, објавија државните медиуми на 29 септември. Тој рече дека регионот е во опасна ситуација.
Заменик-командантот на иранската револуционерна гарда, Абас Нилфорушан, исто така беше убиен во израелските напади врз Бејрут на 27 септември, објавија иранските медиуми во саботата (28 септември).
По убиството на Насрала, иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи ги повика муслиманите да застанат со Хезболах и да се спротивстават на како што вели „злобниот режим“.
„Славната линија на лидерот на отпорот Хасан Насрала ќе продолжи, а неговата света цел ќе биде постигната со ослободување на Ерусалим, ако даде Бог“, рече на 28 септември портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани.
Смртта на Хасан Насрала е значаен удар за Хезболах и клучниот спонзор на организацијата, Иран.
Хезболах, која САД ја сметаат за терористичка организација, а само неговото вооружено крило е ставено на црната листа на Европската унија, е водечки член на иранската таканаречена оска на отпорот, лабава мрежа на ирански посредници и милитантни групи поддржани од Техеран против Израел и САД.
Смртта на Насрала е „голема загуба и срам“ за Иран, рече Али Фатолах-Неџад, директор на Центарот за Блискиот Исток и глобален поредок со седиште во Берлин.
Тоа го претставува „најтешкиот удар за регионалната позиција на Техеран“ од убиството на иранскиот врховен командант Касем Сулејмани во американски воздушен напад во Ирак во 2020 година, изјави Фатолах-Неџад за Радио Фарда, иранска програма на Радио Слободна Европа.