Косовската полиција на 29 септември објави дека на полноќ се случила експлозија во близина на бензинска пумпа во центарот на Звечани, општина на северот на земјата во која живеат мнозинство Срби.
„Околу полноќ, во близина на бензинската пумпа лоцирана во центарот на Звечани, се случи експлозија“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) заменик директорот на косовската полиција за север, Ветон Елшани.
Елшани рече дека во оваа експлозија нема повредени и дека полициските единици веднаш излегле на местото на експлозијата.
„Случајот е окарактеризиран како предизвикување општа опасност“, потенцира Елшани.
„Не е познато што ја предизвикало оваа експлозија, која предизвикала материјална штета на објектот на бензинската пумпа и неколку автомобили во близина“, рече тој.
Бензинската пумпа била затворена за работа во моментот на експлозијата. Вакви случаи не се ретки на северот на Косово во последните години. Звечан, заедно со Зубин Поток, Северни Митровица и Лепосавиќ, се четири општини со српско мнозинство на север.
Тензиите во овој дел од земјата во последниве месеци беа засилени, поради тоа што Владата на Косово повлекува чекори кои ги смета за воспоставување суверенитет во тој дел на Косово.