Членките на НАТО, Естонија, Латвија, Литванија и Полска ќе бараат финансирање од Европската унија за изградба на мрежа од бункери, бариери, дистрибутивни линии и воени магацини долж нивните граници со Русија и Белорусија, соопштија на 28 септември естонските власти.
Трите балтички земји првично го објавија планот за „Балтичка одбранбена линија“ во јануари.
Во мај, Полска објави сличен проект наречен „Источен штит“ со цел да ги зајакне своите граници со руската ексклава Калининград и со Белорусија.
Видете и ова: Литванија бара НАТО да ги соборува руските дронови над Балтикот
„Потребата за (балтичка) одбранбена линија произлегува од безбедносната ситуација и го поддржува новиот концепт на НАТО за напредна одбрана“, рече естонскиот министер за одбрана Хано Певкур во изјавата, додавајќи дека „исклучително е важно да ги координираме нашите активности со Полска“.
„Истовремено, ја зајакнува безбедноста на Европската унија и воената одбрана на нејзините граници, поради што јасно гледаме дека ЕУ може и финансиски да го поддржи проектот“, рече тој.
Министрите за одбрана на четирите европски земји лоцирани на источното крило на НАТО се состанаа во петокот во латвиски град, за да разговараат за финансирањето на проектот.
Тие не прецизираа колкава финансиска помош ќе бараат за проектот од Брисел.
„Руската војна против Украина покажа дека создавањето физички пречки на отворен терен без природна одбранбена покривка е најважно дури и во технолошките напредни војување“,се вели во нивната заедничката изјава.
Министрите рекоа дека надворешните закани на балтичко-полската граница се зголемуваат и дека засилувањето на утврдувањата долж границата со Русија и Белорусија „останува висок приоритет што придонесува за нашето ветување да ја браниме секоја педа од територијата (НАТО).
Одбранбената линија ја исклучува крајбрежната одбрана на Балтичкото Море што ја делат четирите земји.
Во Естонија, најмалата од четирите земји со население од 1,3 милиони жители, се планира воспоставување на граничната одбранбена линија во три фази, почнувајќи од 2025 година, соопшти Министерството за одбрана.