Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека убиството на долгогодишниот водач на милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, е неопходен чекор кон „промена на рамнотежата на силите во регионот во годините што доаѓаат“.
Во меѓувреме Техеран побара итен состанок на ОН. Советот за безбедност и САД повикаа на деескалација во регионот.
Во својата прва изјава откако израелските сили и Хезболах ја потврдија смртта на лидерот на Хезболах Хасан Насрала во масовните воздушни напади врз Бејрут на 27 септември, Нетанјаху предупреди на тешки денови што доаѓаат.
Нетанјаху смета дека Насрала не бил само еден обичен терорист, туку, како што вели, клучниот терорист, водач на група која беше означена како терористичка организација од САД и ставена на црната листа на Европската Унија.
Нетанјаху го обвини Насрала за убиство на многу Израелци, но и стотици државјани на други земји, и рече дека го засилил опасното влијание и политиката на главниот спонзор на Хезболах, Иран.
Либанската ескалација доаѓа кога израелската војна во Газа се приближува на една година од нејзиниот почеток. На 7 октомври лани милитатнтаната група Хамас, која е означена како терористичка од САД и ЕУ, започна прекуграничен напад во кој загинаа повеќе од 1.200 луѓе во Израел, од кои многумина цивили.
Постојат стравувања од брзо проширување на конфликтот што може да вклучи израелска копнена офанзива во Либан и на крајот да ги вовлече Иран и САД директно во борбите, јавува новинската агенција Ројтерс.
Либанските власти соопштија дека при израелските воздушни напади врз нивната територија на 28 септември загинале 33 лица, а 195 други биле ранети.
Видете и ова: Кој беше Хасан Насрала, убиениот лидер на Хезболах?Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека „смртта на Насрала од израелски воздушен напад е мерка за правда за неговите многубројни жртви, вклучително и илјадници Американци, Израелци и либански цивили“.
„Вашингтон целосно го поддржува правото на Израел да се брани од Хезболах, Хамас, Хутите и сите други терористички групи поддржани од Иран,“ изјави Бајден.
Тој додаде дека САД ја зајакнуваат својата одбранбена позиција на Блискиот Исток „за да ја одвратат агресијата и да го намалат ризикот од поширока регионална војна“.
Додека продолжија шпекулациите околу тоа дали Израел ќе испрати копнени трупи во својот северен сосед Либан, Бајден рече: „Време е за прекин на огнот“.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, наводно, бил одведен на побезбедна локација во таа земја.
Хамнеи прогласи петдневна жалост во Иран за Насралах.
Иранските медиуми објавија дека при израелските напади на 27 септември во Бејрут бил убиен и висок командант на иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).