Неколку часа откако милитантната група Хезболах, сојузничка на Иран, потврди дека нејзиниот водач, Хасан Насрала, е убиен во масовен израелски воздушен напад, насилството повторно се разгоре. Сирени се огласија во Тел Авив, а израелските сили продолжија да погодуваат цели во Бејрут и во јужен Либан.
Израелската војска на 28 септември соопшти дека сирените за воздушен напад се активирале на аеродромот во Тел Авив додека премиерот Бенјамин Нетанјаху се враќал од Соединетите Држави по неговиот говор во Обединетите нации, при што официјални лица велат дека биле пресретнати проектили истрелани од јеменските бунтовници Хути поддржани од Иран. Засега нема информации за повредени.
Не е познато дали ракетниот напад конкретно бил насочен кон Нетанјаху, кој го прекина своето патување со САД поради последното насилство, кое се интензивираше на 27 септември кога Израел започна масовен напад врз јужен Либан, при што беа убиени Насрала и неколку други водачи на Хезболах, организација означена како терористичка од САД.
Израелските сили на 28 септември продолжија со воздушните напади на локациите за кои рекоа дека се сместени команданти и оружје на Хезболах, вклучително и, како што рекоа, „прецизен напад“ на локација во Бејрут.
Со помош на Иран, Хасан Насрала го претвори Хезболах во моќен политички и воен ентитет во Либан и главен регионален играч.
Видете и ова: Кој беше Хасан Насрала, убиениот лидер на Хезболах?Хезболах го потврди претходното тврдење на израелската војска дека при нападот на 27 септември загинал Насрала, при загинаа и неколку други високи членови на организацијата.
„Хасан Насрала, генералниот секретар на Хезболах, им се придружи на своите големи, бесмртни соборци маченици, кои ги водеше околу 30 години“, се вели во соопштението на Хезболах на 28 септември.
Хезболах вети дека ќе ја продолжи својата борба против Израел и покрај смртта на неговиот долгогодишен лидер, при тоа не даде никакви индикации за тоа кој би можел да го наследи Насрала.
Американските власти рекоа дека не биле информирани пред нападите од блискиот сојузник Израел и дека немале никаква улога во акцијата.
На 28 септември, американското Министерството за одбрана соопшти дека секретарот Лојд Остин му рекол на израелскиот колега Јоав Галант дека САД се решени да ги спречат Иран и групите поврзани со Иран да ја искористат ситуацијата во Либан или да ги прошират непријателствата.
Портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер, рече дека Остин изразил целосна поддршка за правото на Израел да се брани и „јасно стави до знаење дека Соединетите Држави остануваат посветени да ги заштитат американските сили и објекти во регионот и во одбраната на Израел“.
Москва, во меѓувреме, го осуди убиството на Насрала, а Министерството за надворешни работи го означи како „уште едно политичко убиство“.
„Оваа насилна акција е полн со уште поголеми драматични последици за Либан и за целиот Блиски Исток“, се вели во руската реакција.
На почетокот на 28 септември, израелската војска соопшти дека го убила Насрала во серија напади во Бејрут еден ден претходно.