Обвинителство нареди обдукција за починатата родилка

Илустрација

Во кумановската болница почина 31 годишна родилка при породување, соопштија надлежните институции. Новороденчето е префрлено од кумановската болница во скопскиот ургентен центар на детската клиника.

Обвинител и истражна екипа беа повикани од болницата на увид. Обвинител издал налог за обдукција за родилката што почина. Таа била примена во болница пред два дена.

Директорот на кумановската општа болница Стефан Трајановски, вели дека родилката ненадејно починала при пораѓање. Тој објасни дека по приемот во болница на родилката, се чекало на спонтани контракции за да може по природен пат да се породи. Но, вчера за да го потикнат породувањето болничарите почнале со стимулација.

„При стимулацијата нагло е настанат престанок на срцева работа, немерлив притисок, викнат е анестезиолог за реанимација. При обид за реанимација не е добиено срцева акција и притисок крвен, веднаш е внесено во сала за операции да се извади плодот. Бебето е извадено живо и е итно однесено на ургентен центар на детската клиника, проследено целиот пат од наш неонатолог кој бил дежурен“ изјави Трајановски.

Видете и ова: Родилка почина во Клиничкиот центар во Скопје

Раководителот на акушерското одделение го известил директорот, кој по информативниот разговор со дежурната екипа веднаш повикал обвинител кој пристигнал до истражна екипа.

„Детално е извршен увид, земени се изјави од сите што биле во контакт со родилката. Додека траело породувањето имало двајца дежурни лекари, дежурна анестезиолошка екипа, во актот на вадењето на бебето стигнал и раководителот на одделот. Бебето е живо“, изјави Трајановски.

Тој додаде дека обвинителството повело истрага и обдукцискиот наод ќе ги покаже причините за смртта на родилката. Доколку има лекарска грешка, Трајановски најави и професионална одговорност.

„Кога ќе ги добијам наодите на обдукцискиот наод ќе има и такво нешто, постапката ќе оди на начин што ќе има и професионална одговорност ако биде утврдено лекарска грешка, од наши професионални организации. Ова и е второ породување, првото минало без компликации, детенцето е живо и здраво. Со втората бременост можам да споделам дека било откриено гестациски дијабет“, изјави Трајановски.

Од Јавното обвинителство за новинската агенција МИА велат дека издадена е наредба за обдукција за утврдување на причините за смртта и обезбедена е целокупна медицинска документација за водењето на бременоста.