Израел: Лидерот на Хезболах, Насрала е убиен при нападите во Бејрут

Архивска фотографија, сликата е направена од последното видео обраќање на шефот на либанската милитантна група Хасан Насрала објавено на телевизијата Ал-Манар на Хезболах.

Израелските сили го убиле шефот на либанскиот Хезболах, Саид Хасан Насрала, изјави на 28 септември еден од портпаролите на израелската армија, Авичаи Адраи. Тој посочи дека покрај Насрала, се убиени и Али Карки кој бил командантот на јужниот фронт на Хезболах и голем број други команданти.

„Хасан Насрала повеќе нема да може да го тероризира светот“, напишаа израелските одбранбени сили (ИДФ) на социјалната платформа Х порано позната како Твитер.

Хезболах не ја потврди смртта на Насрала. Претходно, израелската војска соопшти само дека „централниот штаб“ на Хезболах бил цел на нападот извршен на 27 септември.

Насрала беше долгогодишен лидер на Хезболах, вооружената група и политичка партија поддржана од Иран која контролира голем дел од јужен Либан. Хезболах се смета за терористичка организација од САД, иако Европската унија го стави само на црната листа вооруженото крило, не и политичката партија.

Видете и ова: Кој беше Хасан Насрала, убиениот лидер на Хезболах?

Од избувнувањето на војната во Газа во октомври 2023 година, Хезболах и Израел разменуваат постојани прекугранични напади. Хезболах рече дека дејствува во солидарност со Палестинците.

Хезболах е обвинет за организирање на смртоносниот бомбашки напад во 1994 година во центарот на еврејската заедница во аргентинскиот главен град Буенос Аирес.