Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски на 27 септември во Њујорк и рече дека ако победи на претседателските избори во САД во ноември „ќе работиме со двете страни“ за да заврши војната во Украина и дека тој верува дека тоа може да се „реши многу брзо“.
„Имам многу добри односи со Зеленски, а исто така имам многу добри односи, како што знаете, со претседателот (Владимир) Путин“, рече Трамп.
Пред средбата, медиумите во САД шпекулираа дека средбата можеби нема да се одржи откако Трамп се навреди од коментарите на Зеленски кој во интервју за списание кажа дека Трамп „навистина не знае како да ја запре војната“.
„Фактот што дури и денес сме заедно е многу добар знак“, рече Трамп додека двајцата пристигнуваа во конференциската сала во кулата „Трамп“ во Њујорк.
„Мислам дека имаме заеднички став дека војната во Украина треба да се прекине и дека Путин не може да победи“, рече Зеленски.
Зеленски се сретна со Трамп по разговорите со претседателот на САД, Џо Бајден и потпретседателката и претседателска кандидатка на демократите, Камала Харис во Вашингтон додека Русија продолжува со нападите врз Украина.
Средбата меѓу Трамп и Зеленски е откако поранешниот американски претседател и актуелен републикански кандидат за нов мандат ги повтори своите сомнежи дека Украина може да ја одбие неиспровоцираната инвазија на Русија и да ја добие војната.
Во дебатата со Харис, Трамп одби да каже дали сака Украина да ја добие војната.
Трамп, исто така, рече дека Украина треба да склучи договор за ставање крај на војната и сугерираше дека Киев требало да направи отстапки за Русија во месеците пред инвазијата од Москва, велејќи дека „секој договор - најлошиот договор - би бил подобар од тоа што го имаме сега“.
Видете и ова: Зеленски го претстави „планот за победа“ во Белата куќаНа 26 септември, Бајден го пречека Зеленски во Белата куќа, откако објави милијарди воена помош од САД за Киев и повторно инсистираше на тоа дека Русија „нема да надвладее“ во нејзината инвазија врз Украина.
Зеленски му го претстави на Бајден неговиот „план за победа“ и повторно побара САД да ги укинат ограничувањата за употребата на оружје со долг дострел за удари врз воени цели длабоко во Русија, нешто за што сојузниците на Украина имаат поделени ставови.
„Русија нема да победи. Украина ќе победи, а ние ќе продолжиме да стоиме покрај вас на секој чекор“, рече Бајден за време на средбата со Зеленски во Белата куќа.
„Длабоко цениме дека Украина и Америка застанаа рамо до рамо“, рече Зеленски, облечен во темно зелена војничка облека.
Зеленски го сподели својот „план за победа“ и со Харис во Белата куќа. Харис му кажа на Зеленски дека нејзината поддршка за народот на Украина е непоколеблива. Таа, исто така, го нападна својот противник на претстојните претседателски избори, велејќи дека сугестиите на Трамп за Украина да го склучи договорот со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на војната не се предлози за мир, туку „предлози за предавање“.
Во последниот масовен напад од руски беспилотни летала на 27 септември, во украинското пристаниште Измаил во Дунав, загинаа три лица, а 11 други, меѓу кои и едно дете, беа ранети, објави регионалниот гувернер на Одеса, Олех Кипер.
Измаил е критичен центар за украинскиот извоз на жито, лоциран на границата со членката на НАТО, Романија и постојано е цел на руски напади.