Критики во Унгарија по изјава на помошник на Орбан дека Унгарија не би се спротивставила на руска инвазија

Балаж Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан се најде на удар на опозицијата откако неговиот најблизок соработник во изјава сугерираше дека Будимпешта нема да се бори против руска инвазија како Украина.

Балаж Орбан, политички директор во Кабинетот на премиерот Виктор Орбан, (со кој не е во роднинска врска) на 26 септември за веб-страницата Мандинер изјави дека одлуката на Украина да се спротивстави на целосната инвазија на Москва е „неодговорна“.

Тој направи паралела со советската инвазија на Унгарија во 1956 година, која наиде на вооружен народен отпор, што потоа беше потиснат.

„Со оглед на 1956 година, веројатно не би го направиле тоа што (украинскиот) претседател (Володимир) Зеленски го направи пред две и пол години, затоа што е неодговорно, затоа што гледаме дека тој ја доведе својата земја во одбранбена војна, многу животи се изгубени и територии се изгубени“, изјави Балаж Орбан, кој е и пратеник во унгарскиот парламент.

Тој додаде дека „тоа е нивно право и суверена одлука“.

„Тие имаа право да го направат тоа. Но, да не прашаа нас, немаше тоа да им го советуваме врз основа на она што се случи во 1956 година“, рече Балаж Орбан.

Видете и ова: Орбан се понуди за посредник меѓу Скопје и Софија

Околу 2.500 до 3.000 Унгарци, главно вооружени цивили, беа убиени за време на борбите меѓу 23 октомври и 4 ноември 1956 година, против супериорните советски трупи кои интервенираа за да ја уништат реформската влада на Имре Наѓ.

Стотици илјади Унгарци избегаа во егзил по тие борби, кои ја симболизираа потрагата по слобода на Унгарија под комунистичка власт, до падот на комунизмот во 1989 година.

Во видео објавено на неговата страница на Фејсбук доцна на 26 септември, Балаж Орбан вели дека неговите зборови биле „намерно погрешно протолкувани“ и дека „хероите од 1956 година се национални херои“ и „сеќавањето за нив е свето“.

Петер Маѓар, лидерот на опозициската партија на десниот центар Тиса, веднаш повика на оставка на Балаж Орбан.

„Со овие зборови Балаж Орбан го понижи споменот на илјадници унгарски борци за слобода, од кои стотици, за разлика од Балаж Орбан, беа подготвени да ги жртвуваат своите животи за слободата и независноста на својата земја“, напиша Маѓар на Фејсбук.

„Владата на Орбан ќе им ја предаде Унгарија на Русите без борба“, напиша на Фејсбук лидерот на централно-левичарската Демократска коалиција, поранешниот премиер на Унгарија, Ференц Ѓурчањ.

Во неговото неделно обраќање на националното радио на 27 септември, Виктор Орбан рече дека е важно да се зборува „многу внимателно и јасно“ за чувствителни работи.

„Сега мојот политички директор даде двосмислена изјава која е погрешна бидејќи нашата заедница постои врз основа на револуцијата од 1956 година, таа израсна од неа“, рече Орбан.

Унгарија на чело Орбан одбива да се приклучи кон санкциите на западот за Русија и одржува силни економски односи со Москва. Унгарија, исто така, одби да испрати оружје во Украина, со која дели заедничка граница.