Законот за забрана на нефер трговски практики ќе почне да се применува од утре, 28 септември, соопшти Министерсвото за економија и труд.
Законот предвидува повеќе од 2.500 земјоделски и прехранбени производи да имаат ограничени маржи до 10 отсто (тоа е разликата меѓу цената по која набавуваат одреден производ и по која потоа ќе го продаваат).
„Овој закон не ја регулира трговската маржа, туку ги забранува дополнителните трошоци (надоместоци) кои добавувачите морале да ги плаќаат за нивните производи да се продаваат од купувачите. Со примена на овој закон очекуваме резултати на долг рок и намалување на цените на овие производи на листата од најмногу 10 отсто, односно првите резултати со намалени цени ги очекуваме до крајот на октомври кога очекуваме дека ќе се потрошат залихите од претходните договори и ќе почнат да се продаваат производите согласно новите договори“, вели министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Видете и ова: Државата ја скрои кошничката, граѓаните ги празнат џебовитеЗаконот за забрана на нефер трговски практики беше донесен на 20 март 2024 година. Трговците и добавувачите имаа рок од шест месеци да ги усогласат договорите, односно да склучат нови договори, не подоцна од 27 септември 2024 година.
Контролата за промена на овој Закон ја врши Комисијата за заштита од конкуренција. Првите три месеци по стапувањето на сила на законот, ќе има само опомени, без казни. Во тој период е предвидена соработка со компаниите за да утврди дали се правилно склучени договорите односно дали се опфатени соодветно одредбите од законот.
Од 2025 година ќе се вршат редовни контроли од Комисијата за заштита на конкуренцијата.