Пашинјан: Мирот меѓу Ерменија и Азербејџан е на дофат

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан

Мирот меѓу Ерменија и Азербејџан не само што е можен, туку е и на дофат на рака, изјави ерменскиот премиер Никол Пашинјан во својот говор на 79-тото заседание на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.

„Ова е мој четврти говор пред Генералното собрание на ОН и овој говор ќе се разликува многу од претходните. Главните пораки од моите претходни говори беа поврзани со ќор-сокакот во постигнувањето мир меѓу Ерменија и Азербејџан, но денес сакам да кажам дека мирот меѓу Ерменија и Азербејџан не само што е можен, туку е и на дофат на раката. На 30 август Ерменија и Азербејџан потпишаа 'Регулатива за заедничка активност на комисиите за утврдување на државната граница меѓу двете земји'“, рече Пашинјан.

Видете и ова: Година по егзодусот од Нагорно-Карабах, Ерменците и Азербејџанците сè уште сонуваат за дома

Тој додаде дека ова е првиот правен документ потпишан меѓу двете земји.

„Што е уште поважно, со овој документ, Ерменија и Азербејџан се договорија да ги дефинираат договорите на Алма Ата од 1991 година како основен принцип за дефинирање на границите меѓу двете земји и ќе се раководат од нив“, рече Пашинјан и објасни дека тоа значи дека двете земји „го потврдуваат принципот на взаемно признавање на територијалниот интегритет и неповредливоста на границите, кој постоел во времето на СССР, што е главен фактор за воспоставување мир“.

Ерменскиот премиер додаде дека сега се потврдува дека двете земји немаат територијални претензии една кон друга.

Двете земји треба да го направат следниот чекор и да го потпишат Договорот за воспоставување мир и дипломатски односи меѓу Ерменија и Азербејџан.