Пред очекуваното обраќање на премиерот Бенјамин Нетанјаху на Генералното собрание на ОН на 27 септември, Израел продолжува да го отфрла притисокот на своите сојузници за 21-дневен прекин на огнот во Либан. Тие наведуваат дека ќе ја продолжат борбата против Хезболах „до победа“.
Во израелското бомбардирање на упориштата на Хезболах поддржани од Иран околу Либан загинаа стотици луѓе оваа недела, додека милитантната група возврати со ракетен истрел.
Соединетите Држави, Франција и другите сојузници го објавија повикот за 21-дневен прекин на огнот на 25 септември, откако претседателот Џо Бајден и неговиот француски колега Емануел Макрон се сретнаа на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Меѓутоа, на 26 септември, израелскиот лидер Нетанјаху отворено го отфрли предлогот за прекин на огнот, наредувајќи и на армијата да ја продолжи „борбата со полна сила“.
Белата куќа изрази фрустрација поради одбивањето, велејќи дека „многу грижа и напор“ биле вложени во предлогот за примирје.
Францускиот претседател Емануел Макрон подоцна рече дека е „грешка“ Нетанјаху да го отфрли прекинот на огнот и дека тој ќе мора да преземе „одговорност“ за регионалната ескалација.
Говорејќи во Канада каде што се состана со премиерот Џастин Трудо, кој исто така го поддржа примирјето, Макрон рече дека планот за прекин на огнот бил подготвен со самиот Нетанјаху.
Во заедничкото соопштение за прекинот на огнот се наведува дека ситуацијата во Либан станала „неподнослива“ и „не е во ничиј интерес, ниту на народот на Израел, ниту на народот на Либан“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во меѓувреме, либанската национална новинска агенција објави дека Израел извршил воздушни напади на 27 септември рано наутро врз неколку градови во јужен Либан, во кои имало и повредени.
Министерството за здравство на Либан доцна во вечерните часови на 26 септември соопшти дека во израелските напади во последните 24 часа загинале 92 лица, а 153 биле повредени.
Повеќе од 1500 луѓе се убиени од избувнувањето на непријателствата меѓу Израел и Хезболах во октомври минатата година, а во израелските напади врз Либан од 23 до 26 септември загинаа повеќе од 700 луѓе, соопштија либанските власти.
Според Меѓународната организација за миграција, околу 118 000 луѓе се раселени поради борбите во Либан во текот на минатата недела.