Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп денеска (27 септември) во Њујорк ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски, кој вчера се сретна со американскиот претседател Џо Бајден и со американскиот потпретседател и кандидат на демократите Камала Харис, го продолжи престојот во САД за да се сретне со Трамп. Тој пак минатата недела рече дека „веројатно“ ќе се сретне со Зеленски за време на неговата посета на САД.
До средбата доаѓа откако поранешниот претседател на САД и актуелен републикански претседателски кандидат ги повтори своите сомнежи дека Украина може да ја одбие неиспровоцираната инвазија на Русија и да ја добие војната.
Видете и ова: Зеленски го претстави „планот за победа“ во Белата куќаТрамп, исто така, рече дека Украина треба да склучи договор за ставање крај на војната и сугерираше дека Киев требало да направи отстапки за Русија во месеците пред инвазијата на Москва, велејќи дека „секој договор, па дури и најлошиот би бил подобар од тоа што го имаме сега“.
На 26 септември, Бајден го пречека Зеленски во Белата куќа, откако објави милијарди воена помош за Киев и повторно инсистираше на тоа дека Русија „нема да надвладее“ во нејзината инвазија на Украина.
Зеленски му го претстави на Бајден, таканаречениот „план за победа“ и повторно побара Соединетите Држави да ги укинат ограничувањата за употребата на оружјето со долг дострел што ќе им обезбеди да напаѓаат воени цели подлабоко во Русија.